На факултетот на Рамиз Мерко ќе се образуваат само сестри – не доктори


Откако градоначалникот на Струга Рамиз Мерко доби дозвола да отвори Факултет за здравствени науки, од Министерството за образование и наука појаснуваат дека таму ќе се образуваат само медицински сестри и друг здравствен персонал, а не доктори.

Од Министерството за образование велат дека поради потребата од повеќе здравствени работници во државата, Владата во изминатиот период поддржала повеќе иницијативи за основање на нови единици во состав на неколку високообразовни установи кои ќе реализираат студиски програми од соодветната област. „Слободен печат“ веќе објави за една таква иницијатива, да се отвори факултет по медицински науки во Битола.

Во состав на МИТ универзитетот во Скопје, на Меѓународниот Балкански Универзитет, како и на Европски универзитет веќе работат Факултети за дентална медицина. Дадени се согласности за почеток со работа на Факултети за здравствени науки при Универзитетот на Југоисточна Европа, Меѓународниот Балкански Универзитет и Меѓународниот Универзитет Визион.

Исто така од страна на Владата дадено е и позитивно мислење за основање на Факултет за здравствени науки при Меѓународниот универзитет во Струга, каде ќе има тригодишни студии за медицински сестри. Погрешна е информацијата дека ќе има студии за едукација на доктори.

Решение за почеток со работа, како и акредитации на студиски програми издава Агенцијата за квалитет на високото образование, велат од МОН.

Back to top button
Close