Ким Џонг Ун му подари на Путин две кучиња: расата пунгсан, непозната во светот

На списокот со подароци што Владимир Путин ги доби од Ким Џонг Ун за време на неговата посета на Северна Кореја се и две кучиња од необична раса.

Рускиот претседател Владимир Путин беше одликуван со Орденот Ким Ил Сунг, највисокото признание на Северна Кореја, за време на неговата посета на Пјонгјанг за, како што се наведува, „огромните заслуги во развојот на добрососедските и братските односи“ меѓу двете земји, јави денеска севернокорејското радио „Гласот на Кореја“.

Орденот му бил врачен на Путин во средата, а радиото забележало дека рускиот претседател е почестен за развојот на односите меѓу двете земји до стратешко партнерство и за, како што се наведува, „нераскинливите сојузнички односи и за отворањето нова страница на корејско-руското пријателство“, објави РИА Новости.

Орденот на Ким Ил Сунг датира од 1972 година, по повод шеесеттиот роденден на тогашниот претседател на Северна Кореја на предлог на неговиот син Ким Јонг Ил.

Тој орден се доделува и на институции и организации, особено образовни институции, медиуми и индустриски претпријатија.

Путин и Ким разменија подароци, на севернокорејскиот лидер му беше подарена нова лимузина Аурус и сет за чај, додека Путин доби неколку уметнички дела, вклучувајќи слики и бисти, објави руската новинска агенција ТАСС.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун му подари на Путин пар севернокорејски кучиња пунгсан. Расата ловечки кучиња пунгсан се одгледувала во Северна Кореја и потекнува од волци и е речиси непозната надвор од земјата. Расата го добила името по планините во северната област Пунгсан, каде што се одгледувала.

По посетата на Северна Кореја, Путин денеска пристигна во официјална посета на Виетнам. Тој го потпиша Договорот за стратешко партнерство со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.

Back to top button
Close