По Таравари, со Гостивар повторно ќе управува лекар – Ваљбон Лимани е новиот в.д. градоначалник

Откако Арбен Таравари ја напушти градоначалничката функција на Општина Гостивар и стана министер за здравство, со овој град повторно ќе раководи лекар. Досегашниот претседател на Советот на општината Ваљбон Лимани е избран за вршител на должноста градоначалник на Гостивар, кој ќе биде на оваа функција до редовните локални избори кои треба да се одржат кон крајот на идната година.

На денешната седница вонредна седница на Советот, тој го добил мнозинството гласови. Против гласаа осуммина од советничката група на ДУИ.

Покрај Лимани, Гостивар доби и нов претседавач и нов член на Советот.

Инаку, Лимани важи за близок соработник на Таравари, кој веќе еднаш најави кој може да застане на чело на Гостивар.

Новиот градоначалник на Општина Гостивар е специјалист ендокринолог, вработен во Универзитетската клиника во Скопје.

За претседател на Советот на Гостивар е избран универзитетскиот професор Намик Дурмиши од редовите на Алијанса за Албанците, која е блиска до актуелниот министер за здравство.

Лимани се заблагодари за укажаната доверба и најави дека до редовните или вонредни избори за градоначалник ќе работи на унапредување на давање на општинските услуги, подобрување на инфраструктурата, а посочи и дека ќе определи и приоритети за раководење со општината.

„Сите нас не обединува заеднички идеал. Ве сметам за тим и не ве разликувам од партиска, верска или етничка припадност. Ве гледам сите исти, како гостиварци. Гостивар мора да блесне за сите генерации што доаѓаат и за сите оние кои го сакаа. Гостивар е моја лична мисија, а со тоа и благосостојбата на секој негов жител“ рече тој.

На денешната вонредна седница имаше и смена во советничките клупи и во редовите на четиричлената советничка група на ВМРО-ДПМНЕ. На местото на координаторот Гоце Димовски, кој од минатата недела раководи со ТИРЗ, дојде петтиот од листата, Милан Јованоски. Наскоро се очекува да биде и пополнето и советничкото место што му припаѓа на АА

Back to top button
Close