Бајден е позитивен на ковид-19, ќе паузира од кампањата
Американскиот претседател Џо Бајден е позитивен на ковид-19, потврди Белата куќа. Веста е објавена откако Бајден не се појавил на настан поврзан со претседателската кампања во ЛасВегас.
Според изјавите на неговите доктори, тој има благи симптоми на ковид, а веќе има примено и вакцини.
Соработниците на Бајден објавија дека тој ќе се опоравува во неговиот дом во плажата Рехоб во Делавер, како и дека ќе направи пауза во кампањата. Сепак, очекувањата се, според неговите соработници дека тој ќе се врати во кампањата и во Белата куќа веднаш штом неговите лекари ќе дадат зелено светло.
Ова не е првпат на претседателот на САД да му биде дијагностициран ковид-19. Тој беше заразен двапати во 2022 година.
Инаку, ваквата дијагноза на Бајден доаѓа во време на интензивно испитување на неговото здравје и издржливост, по дебатата со поранешниот претседател и кандидат за втор мандат Доналд Трамп.
Американските медиуми објавуваат дека неколку демократи му сугерирале на Бајден и на неговите соработници во кампањата да се откаже од претседателската трка, зашто се сомневаат во неговите способности да го совлада неговиот противкандидат Доналд Трамп.