Донации од сите страни за неготинските доброволци, кои станаа дел од доброволното противпожарно друштво Повардарец!
Луѓето од Општина Неготино, кои изминативе две недели доброволно учествуваа во гасењето на големиот пожар на планината Серта, станаа дел од доброволното противпожарно друштво Повардарец, пренесе Фокус.
Веста ја потврдил Борче Китановски, кој од првиот ден беше на терен заедно со повеќе сограѓани и се бореше со огнената стихија.
-Доброволното противпожарно друштво Повардарец е формирано пред околу две години, а сега дел од нас, доброволците кои учествувавме во гасењето на пожарот, станавме дел од него. Многу пријатно сме изненадени од вчера, кога започнаа да ѕвонат телефоните, се јавуваат општествено одговорни фирми и граѓани, кои понудија свои донации за друштвото.
Добивме опрема, мотороли, чизми, гас маски, секири, ознаки за патишта, шлемови… Од неготинска фирма ни ветија донација на четирицикл и крос мотоцикл, а од противпожарната служба ни ја дадоа на користење старата Лада Нива. Истата не е во возна состојба, но веќе е обезбеден нејзин бесплатен сервис и поправка. Телефоните продолжуваат да ѕвонат и денес, луѓето сакаат да дадат свој придонес кон заедницата и тоа сите не радува, вели Китановски.
…