Нема одговор дали СДСМ и ДУИ го надминале главниот проблем, барањето на ДУИ за премиер Албанец

Во одговорот од СДСМ на новинарските прашања за содржината на разговорите меѓу Љупчо Николовски од СДСМ и Артан Груби од ДУИ, нема ништо за тоа дали е надмината главната пречка за коалициски договор – барањето на ДУИ за премиер Албанец, макар само во еден дел од мандатот на новата влада.

СДСМ потврди дека продолжиле разговорите со ДУИ за „евентуален коалициски договор“ со средба на Љупчо Николовски (СДСМ) и Артан Груби (ДУИ) откако во изминатите неколку дена во два наврати се сретнаа лидерите Зоран Заев и Али Ахмети.

Потврдата доаѓа откако во јавноста беше објавена фотографија од средба на Николовски и Груби во еден скопски хотел.

Од СДСМ велат дека со ДУИ се согласни за повеќе принципи на кои треба да се темели „евентуалната заедничка владина програма“, но во писмениот одговор од партијата на Зоран Заев нема ништо за тоа дали е надмината главната пречка за коалициски договор – барањето на ДУИ за премиер Албанец, макар само во еден дел од мандатот на новата влада. Заев повеќепати претходно изјавуваше дека нема намера да преговара под уцени што може да се толкува дека значи оти не е подготвен да го прифати ова барање на ДУИ.

Back to top button
Close