„Стандард и Пурс“: Инфлацијата забавува, девизните резерви и натаму растат, а банкарскиот систем е стабилен

Инфлацијата и натаму се приспособува и забавува, сведувајќи се до 3,2 отсто во јуни 2024 година, што е одраз на соодветната монетарна политика што ја спроведува Народната банка и ублажувањето на увозните ценовни притисоци. Девизните резерви и натаму растат, достигнувајќи ниво од 4,3 милијарди евра. Банкарскиот сектор е стабилен и профитабилен, со ниско ниво на нефункционални кредити, а регулаторните мерки придонесоа за задржување на финансиската стабилност.

Како што информира Народна банка, ова се заклучоците за монетарниот дел и за состојбите во банкарскиот систем на реномираната агенција за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“, во најновиот извештај во кој го потврдува кредитниот рејтинг на земјава на „ББ-“, со стабилен изглед.

-Според оцените на Агенцијата, годинава се очекува дека просечната инфлација во земјава ќе изнесува 3,5 отсто, но се проценува дека инфлациски притисоци би можеле да произлезат од затегнатоста на пазарот на трудот или од неповолните геополитички случувања. Воедно, се очекува дека девизните резерви и натаму ќе бидат стабилни, поткрепени со одржливи приливи на странски директни инвестиции и надворешно задолжување на државата, се вели во соопштението.

Во извештајот се наведува дека за годинава се очекува умерен економски раст од околу 2,5 отсто. Според Агенцијата, растот би достигнал приближно 3 отсто до 2027 година, поттикнат од очекуваниот пораст на странската побарувачка и зајакнувањето на кредитната активност. И покрај слабиот економски раст во последниве години, во извештајот стои дека значително е намалена стапката на невработеност, којашто изнесува 12,9 отсто во првиот квартал од годинава.

Back to top button
Close