СДСМ ќе му даде поддршка на Мицкоски за да го смени спикерот Гаши
СДСМ бара итна смена на спикерот Африм Гаши и ќе даде поддршка на премиерот Мицкоски за негова смена.
Барањето на СДСМ е по инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи, во кој учествуваше неговиот шеф на обезбедување кој доби кривична пријава и отстранување од работното место.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска вели дека како партија го повикуваат обвинителството да покрене постапка и го повика премиерот Христијан Мицкоски да излезе во јавност и да побара политичка одговорност од Гаши.
„Овој случај не може да се смета за затворен додека сите инволвирани во него не понесат одговорност. Институциите се должни итно да започнат постапки.На Мицкоски му порачуваме наместо да се нуди да биде ексорт на ВИП личности на скопскиот аеродром, да обезбеди почитување на правото кое не го вади од уста. Нека го доведе Гаши до одговорност за случајот“, изјави Кузеска.
Според неа, не е доволно што ВМРО-ДПМНЕ побарало одговорност од извршителот, а не и од нарачателот и кажа дека министерот Тошковски на овој начин „удира по самарот“ и го штити спикерот, на сметка на неказнивост, самоволие и непочитување на македонските закони.