ЕП со резолуција го призна Едмондо Гонзалес Урутија за легитимен претседател на Венецуела


ЕУ треба да направи се што е во нејзина моќ за да обезбеди Едмундо Гонзалес Урутија, легитимниот и демократски избран претседател на Венецуела, да може да ја преземе функцијата на 10 јануари 2025 година, се наведува во резолуцијата на Европскиот парламент.

Во документот усвоен денеска со 309 гласа „за“, 201 „против“ и 12 воздржани, ЕП „најостро ја осудува и целосно ја отфрла изборната измама организирана од Националниот изборен совет контролиран од режимот на Николас Мадуро, кој одби јавно да го објави официјалниот резултат“.

„Европратениците го признаваат Едмундо Гонзалес Урутија за легитимен и демократски избран претседател на земјата, а Марија Корина Мачадо како лидер на демократските сили во Венецуела. Тие, исто така, остро го осудуваат издавањето на налогот за апсење на Гонзалес од страна на венецуелската влада“, се наведува во текстот на резолуцијата објавена на веб-страницата на Европскиот парламент.

Забележано е дека и покрај постојаните повици од меѓународната заедница, режимот во Венецуела не го почитува договорот од 2023 година, постигнат на Барбадос меѓу владата на Мадуро и опозицијата, во врска со претседателските избори, за кој се вели дека спречува слободни и фер избори.

Членовите на Европскиот парламент посочуваат дека во извештаите на меѓународните мисии за набљудување на изборите се наведува дека претседателските избори во Венецуела на 28 јули 2024 година не ги исполниле меѓународните стандарди. Тие остро ги осудија „убиствата, малтретирањето, прекршувањата и апсењата извршени врз демократската опозиција, венецуелскиот народ и граѓанското општество, повикувајќи на прекин на систематското кршење на човековите права“.

Back to top button
Close