Не ми паѓа на памет да гарантирам нешто што не сум сигурен дека ќе го испорачам како што направија Пендаровски и Ковачевски, вели премиерот


На памет не ми паѓа да давам гаранција за нешто што не сум сигурен дека ќе го испорачам, вели премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното гостување на „Само интервју“ на Канал 5, оценувајќи дека поранешниот државен врв не ги испорачал ветувањата за усвојувањето на уставните измени, како што ветувал пред челниците на Европската Унија (ЕУ).

„Стево Пендаровски и Димитар Ковачевски за жал прифатија нешто кое што не испорачаа, со што не засрамија и ги засрамија во ЕУ. Знаете мене што ми велат таму сите соговорници? Ми велат ‘ние го поддржувавме тоа затоа што вашите не убедуваа дека ќе испорачаат по принципот на Преспа, дека за уши ќе влечеле пратеници и ќе обезбеделе 80. Еве не успееја. Сега што правиме“,изјави Мицкоски.
Премиерот додава дека од него и од Владата не може да се очекува да прифатат нешто за коешто биле против.

„Ако македонскиот народ, од кои три четвртини во моментов вели дека е против ова, еден ден рече ‘мора ова да го прифатиме’ и ако тоа стане мнозиство еден ден, јас ќе речам ‘благодарам, јас не сум повеќе за оваа работа, нека дојде друг кој тоа ќе го испорача’. Не верувам дека тоа е исправно. Работам само за работи кои се исправни, а ова за мене не е исправно бидејќи нема аргументи“,

додаде премиерот во вечерашното издание на „Само интервју“.
Ако се сака, додаде Мицкоски, постои начин да нема билатерализација на целиот процес и да нема повеќе пречки.

Како пример во оваа смисла го посочи повикот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, чија земја во моментов претседава со ЕУ, да биде посредник во спорот меѓу Скопје и Софија, но беше одбиен од Бугарија.

„Надвор од сите правила, вие имате билатерализација на процес кој по структура треба да биде јакнење на институции и надградба на капацитети, тоа се преговори, преговори не се членство. Ако патот кон ЕУ и преговорите се контунуирано прифаќање на билатерални прашања и отстпки, тоа нема никаква врска со европските вредности, тоа е диктат. Трпелливо ќе работиме, да креираме пријатели и сојузници, да ги шириме нашите аргументи коишто се сè повеќе прифатени од нашите соговорници“,додаде премиерот

Back to top button
Close