Добредојдовте во земјата на чудата
Гасоводи, интерконектори, нафтоводи, брзи пруги и возови, автостради и паради, езера и хидроцентрали што ќе се градат на големата европска и балканска раскрсница се старо новите капитални и историски грандиозни потфати и на старо – новата власт. Добредојдовте во земјата на чудата, кој ќе преживее и доживее, ќе се вози. Ние што веќе се изнавозивме на панорамското тркало над Вардар и на политичкиот рингишпил нема да бидеме тука на свеченото отварање. Го гледавме со години прелажани овој исти филм, сега на вас е редот. Уживајте.
Штом во Скопје осамнаа билбордите на маркетиншката влада на ВМРО ДПМНЕ со жестоката кампања за комуналните избори што ќе се одржат идната година големи чуда ќе се случуваат во Македонија. Пак ќе бидеме светски прваци во бизнис клима, ако не ја расипат домашните предавници и надворешните непријатели. Скопско и сѐ е можно. Ајде на здравје.
Сончогледите расцеветаа пред зимата
Пред некој ден го гледам на телевизија еден загрижен земјоделски експерт, се жали дека во Македонија малку се инвестира во сончоглед. Му се развикав на телевизорот, а бе човек нели гледаш дека на сите страни расцветаа сончогледи. Непрегледни полиња со сончогледи во пресрет на зимата, сите со главите свртени накај сонцето што изгрева над Белата палата среде Скопје. Чекаат да ги огрее ВМРО ДПМНЕ. Ќе дочекаат кога врбите на Вардар ќе родат грозје, или кога рибите ќе се качат на топола.
Може ли нашиот премиер Христијан Мицкоски со исправен рбет да се излигави. Се разбира тоа не е можно да му се случи на голем патриот како него. Се лигават само тие со наведнат рбет кои направија велепредавнички остапки во договорите со Грција, со Бугарија и со вавилонска Европа.
Еве, на пример сега ако исвирканата Урсула фон дер Лајен стапне и во Македонија на својата турнеја по западниот Балкан, таа ќе мора да го свитка рбетот иако беше прекината од нашите херои во Собранието додека држеше говор. Премиерот Мицкоски и претседателката ни Гордана Сиљановска Давкова ќе ја дочекаат исправени, горди и достоинствени. Како ништо да не било. Ме изеде нашиот срам и простаклук. А, можеби е најдобро и да не доаѓа кога сме во предизборна кампања.
Што Мицкоски „вчера“ дозна
Нема лигавење и со најновите откритија на содржината на договорите со Грција и со Бугарија. Премиерот Мицкоски „вчера“ дозна дека тие биле и добри. Имало таму интересни одредби. Вели: Преспанскиот договор може да послужи за пример да се направат исти измени и во договорот со Бугарија за добрососедство. Мицкоски се прашува зошто да не стои истата клаузула дека уставните измени ќе стапат во сила кога ќе влеземе во ЕУ како што стои во Преспанскиот договор – кога ќе влеземе во НАТО. За покасно да поентира дека и во Договорот со Бугарија нигде не стојат обврски за исторското минато, или за некаква заедничка историја со Бугарија.
Ете тоа е таа патриотска умешност на исправен рбет, без коленичење, да се менуваат работите според потребите. Чудесна трансформација од поништување на договорите во предизборната трка до нивно подобрување, па сега кога се на власт да се каже имало таму и добри работи само треба да завршат локалните избори, па да се најде некаков приклучок кој ќе ги покрие предизборните тешки лаги и ветувања. Ќе има тука уште скокови и салта, а можно е и едно големо салто мортале ако нѐ прегази времето. Ова последното е најизгледно бидејќи веќе потрошивме две три генерации како жртви на неправдата и понижувањата што ни се прават.
Уште колку години ни се потребни да сфатиме дека неправдата со која 33 години сме соочени не може да биде аргумент на политиката за манипулации и на јуначење, изигрување на херои. Успешноста во политиката се мери со остварување на целите и интересите со што помалку жртви и загуби. Македонија со своите политики во изминатите 25 години само ги губи своите позиции и секоја наредна можност да стане членка на ЕУ е понеповолна од претходната. Членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ условено со уставните измени за бугарското малцинство да влезе во Уставот беше анатемисано со најсилниот „аргумент“ – нема 80 пратеници односно двотретинско мнозинство да бидат усвоени во Собранието на Македонија. А, пак, усвојувањето на Преспанскиот договор поминал поради предавството на осумте пратеници на ВМРО ДПМНЕ. Така станавме членка на НАТО.
Сега има повеќе од двотретинско мнозинство, ама Бугарија нема политичка влада, таму владеат, како што вели вицепремиерот Александар Николоски, некои „маргиналци“ и „мизерни“ политичари, а кај нас саде достоинствени и горди патриоти кои се подготвуваат за уште поголема победа на локалните избори. Ќе чекаме уште некое време, можеби неколку децении додека не разбереме дека времето не работи против нашите проблематични комшии и против Европа, туку против нас.
Предупредувањето на Иван Хаџи Николов
Што се однесува до славното историско наследство на ВМРО ДПМНЕ како и секоја година пред празникот 23 октомври, денот на основањето во 1893 година во Солун, ја упатувам истата „честитка“ со цитатот на најучениот од основачите на ВМРО, библиотекарот Иван Хаџи Николов во чија куќа е основана револуционерната организација. Хаџи Николов тоа што го открил и напишал и предупредил во своите сеќавања за Организацијата, нивните самоповикани наследници никогаш не го научија. За жал , тоа не го научи и и не го примени и македонскиот народ. Тоа е најверојатно една од најголемите причини што сме таму кај што сме. Последни на Балканите.
Сеќавањата на Иван Хаџи Николов ни ги приопшти македонозналецот Гане Тодоровски кој го поседувал интегралниот текст од мемоарите на Хаџи Николов кои подоцна претрпеле недозволиви измени од некои бугарски историчари. Еве го поучниот цитат од перото на Хаџи Николов: „Мислата дека треба да се напише нешто за Револуционерната организација ми го облива срцето со крв. Да се пишува за една организација, која за резултат го има упропастувањето на Македонија, макар што тоа не е самата организација, туку Софија, со својот цар, со своите министри и генерали, со својата државна, а не националистичка политика, ја погреба Македонија и причини огромни жртви од луѓе и материјални блага, а јас и моите другари станавме причина за револуционизирањето и последица на тоа – погубувањето на Македонија и на Македонците.
И јас му се чудам на македонскиот дух, како тие луѓе не нѐ убија со камења откако го согледаа грозниот и жалниот излез на нашата револуционерна иницијатива. Цела Македонија, како еден човек, со трогнувачка еднодушност тргна зад нас, ни ја даде сета своја поддршка и својата морална доверба, ние да го водиме кон ослободување, а излезе дека сме го воделе кон упропастување и кон ново, уште потешко ропство и при такви, дијаметрални противположни резултати пак да не нѐ обвинува, да не нѐ навредува, да не мормори против нас- создавачите на револуционерната организација, туку молчаливо и со полна покорност на својата судба да си го подземе тешкиот голготски крст,- тоа предизвикува во мене адмирација и велам: Македонци, вие не сте само херои, туку светци. За вас сите жртви се заслужни“.
Хаци Николов, како што пишува Гане Тодоровски, „го носи товарот на тешка историска вина и во кулминација на таквата тешка криза на совеста тој си го одзема животот притиснат од тешката болест. Низ сите десет децении на својот живот, низ сите премрежја низ кои поминал, не само што преживеа како историска поимска категорија, туку успеа да го надживее своето време.“
Каков товар на вина носат нивните самоповикани наследници во ВМРО ДПМНЕ што го прават најновото упропастување на Македонија. Македонците повторно со полна покорност си го подземаа тешкиот голготски крст.(dw)
Ерол Ризаов