ВМРО-НП: Очекувавме Владата на средбата со Вучевиќ да го постави прашањето за одземеното оружје од страна на ЈНА

ВМРО-Народна партија денеска преку писмено соопштение реагира зошто на средбата меѓу премиерот Христијан Мицкоски и неговиот српски колега Милош Вучевиќ, кој вчера беше во официјална посета на земјава, не било поставено прашањето за одземеното оружје од страна на југословенската армија кое се наоѓаше на македонска територија.

Од партијата на Љубчо Георгиевски велат дека биле во очекување и голема надеж дека, како што се наведува во соопштението, новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ која демонстрира достоинствена политика на исправен ‘рбет и одбрана на македонските државни интереси, ќе го постави ова прашање на средбата со српскиот премиер.

„Да ја потсетиме македонската помлада јавност дека при напуштањето на југословенската армија (на почетокот на 1990-тите н.з.) беше одземено оружје во вредност од една милијарда долари во тоа време, кое денеска сигурно би чинело неколку милијарди долари плус. На тоа сакаме да го додадеме и заедничкиот капитал што требаше да биде поделен, а произлегуваше од недвижностите кои Југославија ги поседуваше во и надвор од земјата исто така и капиталот на македонските градежни фирми кои под закрила на српските компании тогаш работеа и градеа низ Ирак, Либија, Кувајт а притоа останаа во рацете на српските фирми“ се наведува во соопштението на ВМРО-НП.

Оттаму велат дека не можат да го разберат премолчувањето на вакви крупни финансиски интереси на Македонија и предлагаат македонскиот парламенет со декларација да го прости тој долг на Србија, оти не гледаат надеж дека оваа Влада некогаш би го поставила ова прашање.

„Ваквото премолчување на вакви крупни финансиски интереси на Македонија не можеме да го разбереме, а со оглед на тоа дека и не гледаме некаква надеж дека оваа Влада било кога би го поставила ова прашање, можеби е подобро и официјално со декларација на македонскиот парламент да го простиме тој долг на нашиот северен сосед кон Македонија, а со тоа и дополнително го зајакнеме пријателството помеѓу двете соседни држави“ се вели во соопштението од партијата на Љубчо Георгиевски.

Реакцијата на ВМРО-НП доаѓа еден ден по официјалната посета на српскиот премиер со владина делегација на земјава.

Во фокусот на средбата на македонскиот и српскиот премиер Христијан Мицкоски и Милош Вучевиќ беше изградбата и поврзувањето на двете земји со гасен интерконектор, со кој Србија би добивала природен гас од Грција преку С Македонија.

Мицкоски на заедничката прес-конференција со својот српски колега, во контекст на проектот, рече дека целта на Владата, е „да бидеме центар и крстосница на енергетските, железничките и патните коридори во регионот“.

Back to top button
Close