Засега не постои можност други партии да го напуштат „Европскиот фронт“, тврдат од ДУИ

„Ставовите што ги објави вчера Мендух Тачи на сите ни е јасно како тој ќе гравитира во блиска иднина“.

Ова денеска на прес-конференција го изјави пратеничката од ДУИ Арта Биљали-Зендели откако вчера лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА) објави дека веќе нема да биде дел од „Европскиот фронт“.

 

– Advertisements –

 

Според Биљали-Зендели, парламентарната група на „Европскиот фронт“ ќе продолжи да дејствува опозициски и во полн состав и таа е единствена. Ваквите нејзини очекувања таа ги поткрепува со изјавата на Тачи дека ќе дејствува опозициски.

„Ставовите на Мендух Тачи тој самиот ги објави вчера и мислам дека беше доволно јасен за да се стекне впечаток дека тој ќе продолжи да дејствува како опозиција и ќе се консултира редовно со претседателот на ДУИ Али Ахмети“, рече таа.

Во однос на изјавата на вицепремиерот Изет Меџити кој во неделата рече дека очекува дестабилизација на „Европскиот фронт“ и оти напуштањето на Мендух Тачи е само почеток, пратеничката рече дека одговорни за тоа се лидерите на партиите во коалицијата, а не тие што се надвор од неа.

„Што се однесува до тоа дали се плашиме дека ќе има и други протекувања од ’Европскиот фронт’ за тоа што го кажува Изет Меџити, мислиме дека одговорен и одговорност за тоа што се случува и што ќе се случи во ’Европскиот фронт’ сносат лидерите на политичките партии што се дел од него и самите пратеници, а не тие што од надвор се обидуваат да наметнуваат одредени тези во јавноста“ – реча Биљали-Зендели.

Според неа, засега не постои можност други партии да го напуштат „Европскиот фронт“, а на прашањето кога последен пат лидерите се состанале, таа одговори дека нема таква информација.

Back to top button
Close