Зегин организира меѓународна конференција посветена на лицата со аутизам и АДХД

Големата Кампања за лицата со аутизам и АДХД која Зегин оваа година ја започна со хуманитарната трка “Зегин Спектратон”, како што беше најавено, продолжува понатаму во втората фаза од својата реализација.

По успешно организираната трка во која се собраа 15.000 евра од котизациите, а Фондацијата Др. Верица Механџиска дополнително донираше 50.000 евра, започна реконструкцијата на првиот регионален дневен центар – социјален клуб за лицата- адолесценти со аутистичен спектар на здружението Во мојот Свет. Лицата со аутизам се соочуваат со препреки и дискриминација во сите сегменти во општеството- во здравствениот и социјалниот систем, во образовниот систем, при вработување и тн. Од клучно значење е лицата со аутизам, како и нивните семејства и негуватели да имаат непречен пристап до приспособени информации, насоки и поддршка за надминување на тие препреки и да добијат можности за истражување на интересите на овие лица, непречен развој на нивните вештини и создавање на пријателства за исполнет живот.

Во втората фаза од оваа кампања e најавена меѓународна конференција посветена на лицата со аутизам која ќе се одржи во Скопје на 13,14 и 15 Ноември 2024 година, а на која ќе присуствуваат еминентни имиња на експерти од оваа област во светски рамки (САД, Шпанија, Русија, Финска, Србија, Хрватска, Швајцарија, Велика Британија, Турција, Косово) како и наши стручни имиња.

Целта на оваа голема кампања е широка:

– Подигнување на свесноста меѓу населението за лицата со аутизам

– Менување на свесноста на целната публика да почне да размислува за присуството на лицата со аутизам и нивна инклузија во сите општевствени сфери

– Подобрување на условите за достоинствен живот и непречено функционирање на лицата со аутизам

– Едукација за правилна суплементација на лицата со аутизам за полесно справување со нивната состојба

Компанијата Зегин е една од најголемите и најпознати општествено одговорни компании која постојано прави големи промени за подобро и посреќно општество, а истовремено ги поттикнува и останатите компании и поединци за општествена одговорност и стремеж кон креирање на поширока слика на хумано општество.

 

 

Back to top button
Close