Северна Македонија меѓу вкрстен оган за коридорите

Кој коридор ќе добие приоритет во РСМ и во Западен Балкан, кој ќе биде ставен на чекање, и дали натпреварот на таа тема може да инспирира изградба на конкурентни алтернативи?

Темата е актуелна во последните месеци, а премиерот Христијан Мицкоски се осврнал на неа и на вчерашниот десетти самит на Берлинскиот процес.

„Многу јасно ги презентирав и приоритетите на Владата, во делот и на економијата, во делот на нашата амбиција да бидеме раскрсница на Балканот, во смисла раскрсница на енергетските текови, на патната и на железничката инфраструктура. Бидејќи и природно, и географски, ние сме таа раскрсница на два важни европски коридори, тоа се Коридорот 8 и Коридорот 10. И мислам дека тоа како Влада ќе го оствариме“, изјави премиерот по вчерашните разговори во Берлин.

Темата стана „пожешка“ откако од македонската Влада претходно изразија скептицизам околу можноста за реализација на делот од Коридорот 8, со образложение дека планираната пруга кон Бугарија „завршува на пола тунел во слепа улица”.Пред десетина дена Мицкоски најави дека претставници од двете земји во Брисел ќе разговараат каква иднина има тој проект, но нагласи дека „тој останува наш приоритет и понатаму“.

Сите патишта преку Србија

Премиерот на службената влада на Бугарија, Димитар Главчев, кој вчера (14.10) исто така учествуваше на средбата во Берлин, изјави дека таму ја истакнал токму важноста на Коридорот 8. Истото го направил и шефот на италијанската дипломатија.

„Ја истакнав за нас особено, важната улога на Коридорот 8, кој ги поврзува Италија, Албанија, Северна Македонија и Бугарија во правец Запад – Исток. Но стигнувајќи до Варна и Бургас во Бугарија, Коридорот 8 дава можност и за оската Север-Југ, која е многу важна, од Грција кон Романија, која веќе има дури и глобална димензија. Впрочем, апсолутно истото го направи и министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани, кој рече дека и за Италија е приоритет Коридорот 8. Тој Коридор е дел од тренсевропската транспортна мрежа“, потенцира Главчев.

Коридор 8 Северна Македонија
Важноста на Коридорот 8 е истакната од страна на премиерот на службената влада на Бугарија, Димитар Главчев, кој учествуваше на средбата на Берлинскиот процесФотографија: Elona Elezi/DW

Два дена пред средбата во Берлин, критики во бугарската јавноста предизвика изјавата на српскиот министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура, Горан Весиќ, кој се пофали дека Србија успеала да се избори со обидите на Брисел да промовира други решенија за железничко поврзување, односно се изборила за изградба на Коридорот 10.

„Железниците се геополитика. За нас е важно што сите излези на Западниот Балкан ќе одат преку Србија. И ние успеавме да се избориме, а тоа е многу значајно, да се обнови Коридорот 10. Во еден момент ЕУ почна да го форсира коридорот преку Романија, кој за нас е конкурентен коридор, па и оној Коридор 8 кој води од Албанија до Бугарија, попречно преку Македонија. За нас е многу важно што ние успеавме да се избориме да бидеме централна земја низ која поминуваат брзите пруги и целиот Западен Балкан поинаку не може да излезе кон ЕУ“, изјави Весиќ во медиумска дебата.

Автогол на Софија

На оваа тема со критика јавно се осврна Огњан Минчев, професор по политички науки на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, кој смета дека Бугарија одамна требало треба да размислува за конкурентна алтернатива на Коридор 10, низ Бугарија.

„Ако преродените колонијални апетити на Србија го осуетиле Коридорот 8, тогаш безволноста и малодушноста на бугарските власти веќе со децении ја осуетуваат самата мисла и јавна дебата за можна изградба на Коридор 10 низ Бугарија, кој ќе стане конкурентна алтернатива на разгранувањето на Коридорот 10 од Атина преку Скопје и Белград до Будимпешта и Виена”, оценува Минчев.

Димитар Ковачевски коридор 10
Почето на подготвителните активности за изградба на автопатот Прилеп – Битола на Коридорот 10д, долг 39,3 километри (фото: Димитар Ковачевски, мај 2023 година)Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Според него, постои варијанта за конкурентна алтернатива низ Бугарија, која вклучува автопат од Струма до Софија, со продолжување кон тунел низ Петрохан, Монтана и Видин кон Арад (Романија) и Будимпешта.

„Патот преку Петрохан кон Монтана и Видин (…) ја претвора бугарската рута кон Централна Европа во конкурентна алтернатива на рутата низ Србија. Кој би претпочитал двапати да влегува и да излегува од територијата на ЕУ, ако може воопшто да не ја напушта таа територија, особено со олеснувањата што ќе настанат кога Бугарија и Романија целосно ќе се приклучат на Шенген?“, прашува тој.

Потенцира дека возењето на таква рута е во согласност и со интересите на Романија да преземе на нејзина територија голем дел од сообраќајот кон централна Европа. Но, смета и дека Коридорот 8 треба да биде предуслов за евроинтергацијата на РСМ.

„Неспособноста на официјална Софија да спроведе промислена и конзистентна стратегија на својата балканска политика, го оживеа интересот на нашите западни партнери – освен интересот на Москва – кон потенцијалната улога на Белград како специфичен центар – дистрибутер на геополитичките односи и баланси во регионот. Овој системски автогол што самите си го дадовме со необмислени политики и лекомислени политичари, е достоен за сожалување. Добрата вест е дека не е сè изгубено. Јас бев и останувам скептик во однос на мерката ‘вето’ што ја наметнавме на Скопје за идентитетски проблеми. Но сум ентузијастички приврзаник на категорична бугарска позиција за брзо завршување на Коридорот 8, како предуслов за европската интеграција на Република Северна  Македонија“, нагласува Минчев.

коридор 8 северна македонија
Бугарското Министерство за транспорт најави дека на 16 октомври во Брисел ќе се одржи средба на која тема ќе биде бугарско-македонскиот дел од Коридорот 8Фотографија: Elona Elezi/DW

Средба во Брисел

Дебатата е отворена. Како што соопшти минатата недела бугарското Министерство за транспорт, утре (16.10) во Брисел ќе се одржи средба на која тема ќе биде бугарско-македонскиот дел од Коридорот 8. Средбата е најавена на ниво на заменици- министри од двете земји, кои со претставници на Европската комисија ќе разговараат за сегашните и идни активности поврзани со имплементацијата на Коридорот 8 од двете страни на границата.

„За тврдењата на Скопје дека не знаат каде ќе влезе железничката линија во Бугарија, од министерството наведуваат: ‘Делот од станицата Гуешево до влезот на трансграничниот тунел Деве Баир е вклучен за реализација во тековниот програмски период на Програмата ‘Транспортно поврзување’ 2021-2027. Проектот треба да биде завршен до 2030 година. Во моментов приоритетно се разработуваат проектите од станицата Гуешево до влезот во тунелот Деве Баир“, објави БНР.(dw)

 

Back to top button
Close