Рама: Жалам што Северна Македонија не е во оваа фаза со нас, со блокадите се прави штета на државата и регионот
„Со попречувањето на Македонија, а потоа и Северна Македонија, им се нанесе голема штета на државата, луѓето, а со тоа и голема штета на регионот“, рече албанскиот премиер на прес-конференцијата во Луксембург
Албанскиот премиер Еди Рама денеска на прес-конференција по одржување на втората меѓувладина конференција ЕУ-Албанија во Луксембург, со што Тирана практично ги започна пристапните преговори по кластери, го коментираше одвојување на Албанија од Северна Македонија на патот кон Европската Унија, пренесува МИА.
Според него, билатеризацијата на една земја на патот кон ЕУ е болна работи, оти со тоа ѝ се нанесуваат штети на таа држава.
„Со билатеризацијата само им се нанесува штета на она што го викаме збор на стандарди и вредности“ рече тој на прес-конференцијата заедно со унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
Со блокирање на европскиот пат на една земја, како што рече Рама, само се прекинува дотокот на кислород и се попречуваат нејзините можности да се стекне со знаења како да ги развива институциите, како да воспостави систем на вредности, владеење на правото и функционална демократија.
„Со попречувањето на Македонија, а потоа и Северна Македонија им се нанесе голема штета на државата, на луѓето, а со тоа и голема штета на регионот“вели Рама.
Посочи дека на секоја земја кандидат треба да и се дозволи да функционира како земја членка на ЕУ.
„Потоа кога ќе стане членка може да и кажете дека не ви се допаѓа нејзиното име, но барем сте и дале можност да функционира како земја членка на ЕУ. А не да и кажувате дека не ви се допаѓа името, кога на земјата и треба поддршка“рече албанскиот премиер.
Рече дека се чувствува тажно што братската Македонија се уште не може да влезе во фазата од преговорите во која сега е Албанија, иако земјата била меѓу првите во регионот, ако не и прва што го почнала процесот.
„Кога зборувам за нашите понижувања, зашто три пати по ред бевме одбивани за почеток на пристапните преговори, се чувствувам засрамено кога ќе помислам на понижувањата на Северна Македонија. Тие го сменија името за да можат да започнат преговори. Историјата не може да биде причина за запирање на пристапните преговори на која било земја“вели тој.
Коментирајќи го заедничкиот пат на Албанија и Северна Македонија што од денеска се раздвојува, Рама рече дека двете држави низ годините биле како Владимир и Естрагон што го чекаат Годо, а Брисел во тоа време изгледал како Семјуел Бекет, на што додаде дека таквата ситуација за двете држави изгледала како приказна без крај.
„Албанија во минатото многупати насилно била здружувана со Османлиите, со Италијанците, со Југословените, со Советскиот Сојуз… Од сите тие здружувања сфатила дека не сака да биде здружена со никого, освен со Европската Унија. Иако во еден период на патот кон ЕУ бевме здружени со Македонија, но тоа и не беше толку лошо, зашто можевме да си ги споделиме тешките ситуации едни со други“,рече Рама.
Албанија во 2009 година поднесе барање за влез во Европската Унија, а првата меѓувладина конференција за пристапни преговори се одржа во 2022 година. Досега напредокот на Албанија на патот кон ЕУ беше поврзан со напредокот на Северна Македонија.
Одлуката Албанија да почне преговори за членство во ЕУ по кластери минатиот месец ја донесе Комитетот на постојани претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер), со што земјата се одвои во патот кон ЕУ од С Македонија.