Филков: Ја разбирам нервозата на Лога, понатамошниот дијалог ќе се води преку надлежните органи

Ja разбирам неговата нервоза, но понатамошниот дијалог ќе се одвива преку надлежните органи.

Ова беше кусиот коментар на министерот за правда Игор Филков во врска со вчерашната изјава на неговиот претходник Кренар Лога, кој негираше дека по завршетокот на својот мандат со себе ја зел документацијата од Оценската мисија на ЕУ, како што обвини актуелниот шеф на Правда.

„Сè што имав да кажам во врска со работата на мојот претходник, кажав вчера и стојам зад тоа. Ја разбирам неговата нервоза, но понатамошниот дијалог ќе се одвива преку надлежните органи“ изјави денеска Филков одговарајќи на новинарско прашање.

На вчерашната прес-конференција по повод 100 дена од новата влада, Филков го обвини својот претходник Кренар Лога дека пред да замине од функцијата, со себе ја зел документацијата со препораки за работата на Судскиот совет изработена од Оценската мисија на Европската комисија.

Додаде дека Министерството за правда веќе не располага со овој документ.

Лога, од друга страна, ги отфрли како невистинити ваквите обвинувања. За документот од Оценската мисија, ексминистерот рече дека е добиен по електронски пат и е архивиран од службено лице во Министерството кое ракува со доверливи материјали.

Back to top button
Close