Џафери: Се врши изборен инженеринг за менување на соодносот на силите во Собранието

Премиерот на техничката Влада Талат Џафери смета дека имало договор за надгласување во Државната изборна комисија за прифаќање на одредени приговори за изборните резултати и прегласување, и оти на ваков начин се прави обид за изборен инженеринг за менување на бројките во Собранието и изигрување на волјата на граѓаните. Изборниот процес кој беше оценет како кредибилен и демократски, сега е во рацете на Управниот суд, рече Џафери и повика сите институции да постапуваат согласно закон без партиски директиви од која било страна.

Како премиер на Владата на Република Северна Македонија и одговорен за успешноста на изборниот процес на претседателските и парламентарните избори имам добиено извештај од учесниците во изборниот процес за вознемирување во однос на обиди за изборен инженеринг со вонинституционален меѓупартиски договор за гласање и надгласување во ДИК во врска со симптоматичните приговори поднесени од страна на учесниците на изборите, рече Џафери на денешната прес-конференција во Владата.

Според извештаите, додаде тој, овие претензии се изборен инженеринг и имаат за цел менување на соодносот на бројките во Собранието преку политички договор на маса.

Back to top button
Close