Зеленски и ја честита изборната победа на Санду

Украинскиот претседател Володимир Зеленски со објава на социјалните мрежи и честиташе на неговата колешка од Молдавија Маја Санду за изборната победа, јавија британските медиуми.

„Молдавците направија јасен избор – тие го избраа патот кон економски раст и социјална стабилност“, напиша тој откако Санду, прозападниот лидер на Молдавија, прогласи победа на вчерашното гласање.

„Докажавме дека обединети можеме да надвладееме над оние кои сакаат да не скршат“, изјави Санду по победата, пренесе Блумберг.

Изданието забележува дека победата на Санду ја зајакнува нејзината посветеност да ја интегрира Молдавија во Европската унија до крајот на деценијата.

По речиси 99 отсто преброени гласови, молдавската претседателка води со околу 55 отсто од гласовите пред нејзиниот ривал Александар Стојаногло, кој вети дека доколку победи ќе одржува блиски врски со Кремљ. За Стојаногло гласале околу 45 отсто од гласачите.

Молдавците вчера гласаа во вториот круг на претседателските избори, откако во првиот круг од изборите, што се одржаа на 20 октомври, Санду собра 42,45 отсто од гласовите, а Стојаногло 25,98 отсто.

Високо позициониран руски политичар, близок до претседателот Владимир Путин, изјави дека гласовите биле „наместени“ во корист на прозападната кандидатка Санду.

„Ги броиш гласовите, гледаш колку ти фалат за ’вистинскиот’ кандидат и го носиш потребниот број од избирачките места во странство (гласови од дијаспората)“, напиша на Телеграм, Андреј Клишас, член на Советот на федерацијата, Горниот дом на рускиот Парламент.

Back to top button
Close