Нови детали за несреќата во Нови Сад: Реконструкцијата на железничката е проектирана без ниту еден инженер за конструкции?
Српските медиуми не стивнуваат во објавувањето на нови детали за несреќата во Нови Сад. Имено во проектирањето на реконструкцијата на зградата на железничката станица во Нови Сад, каде што 14 лица загинаа при падот на настрешницата, а тројца се борат за живот, не учествувал ниту еден градежен инженер за конструкции, наведува Нова.рс.
Според проектната документација на Институтот за сообраќај ЦИП, која беше објавена во јавноста, во оваа студија за „уредување на внатрешни простори и внатрешни инсталации на водовод и канализација“ биле ангажирани четворица архитекти, додека главен проектант е „одговорен проектант за сообраќајни патишта“.
Нова.рс ја наведува изјавата на Андријана Миловановиќ, градежен инженер со децениско искуство на позиција главен инженер, која тврди дека никој што го потпишал документот нема лиценца за градежен инженер за конструкции.
„За жената која е потпишана како главен проектант, воопшто не сум сигурна дека таа може да го потпише ова со нејзината лиценца 315, која е одговорен проектант за патишта и железници“, вели таа, и тврди дека нејзините колеги биле сведоци на прилагодувањето на регулативата во прописите на инвеститорите.
Според неа, ниту еден од инженерите кои имаат лиценца за тестирање на конструкцијата не би потпишал таков документ.
„Без разлика што давале разни права на други инженери кои не се едуцирани за тоа, овде имаме носачи (затегнувачи) кои ги правиме исклучиво ние, градежните инженери. Тоа дури половината од нас не можат ни да го направат, затоа што вклучува многу комплицирани пресметки, многу малку луѓе знаат како да го направат тоа, а во вакви случаи кога се реконструира нешто вакво, мора да се вклучи градежен инженер – конструктивец со лиценца 310“, вели таа.
Миловановиќ смета проектот е претставен така што „во него нема никакви конструктивни работи, туку дека се работи за чиста естетика“.
Настрешницата всушност не беше ни димензионирана да носи нешто структурно, со оглед на тоа падна. Таа всушност била „закачена“, за покривот и ја држеле покривниот дел и затегнувачите. Се чини како наеднаш да е надмината силата во сите држачи на сите места“, вели Миловановиќ, нагласувајќи дека волонтерски ги нуди своите услуги за вештачење на околностите кои довеле до оваа трагедија.
Нова.рс. пишува дека со оглед на тоа што сета работа на кинеските компании во Србија е најстрого чувана тајна, од самиот проект, условите на договорот, кредитирањето, до денес не е познат и проектот за реконструкција на Железничката станица.
(Повеќе)