(ВИДЕО) Еруптира вулканот Лаки-Лаки, најмалку девет лица загинаа
Ерупцијата на вулканот зафати седум околни села, чии жители беа евакуирани, но девет од нив го загубија животот, според досегашните информации
Најмалку девет лица загинаа по ерупцијата на вулканот Лаки-Лаки на планината Левотоби во источна Индонезија, јавува Ројтерс.
Вулканот Лаки-Лаки, кој се наоѓа на островот Флорес, еруптира во неделата во 23:57 часот по локално време исфрлајќи огнена црвена лава, вулканска пепел и вжештени карпи. Властите во Индонезија го подигнаа статусот на опасност од вулканот на највисоко ниво.
„По ерупцијата дојде и до прекин на електричната енергија. Потоа врнеше дожд придружен со силни молњи, што предизвика голема паника кај луѓето што се наоѓаат во близина на вулканот“изјави за Ројтерс, Хади Виџаја, портпарол на тамошниот Центар за вулканологија.
Ерупцијата на вулканот зафати седум околни села, чии жители беа евакуирани, но девет од нив го загубија животот, според досегашните информации. Огнена лава и вжештени камења ги погодија селата што се оддалечени и до четири километри од кратерот.
Селата најблиску до планината Левотоби беа целосно покриени со вулканска пепел, а властите потоа одлучија да ги евакуираат жителите на селата оддалечени десет или повеќе километри од кратерот.