И да сме последни, не треба да се откажеме од Евровизија, смета Програмскиот совет на МРТ
Програмскиот совет на МРТ како тело по третпат, односно трета година по ред, сме сложни дека не треба да го откажуваме учеството на Евровизија дури и последни да сме секоја година. Било која можност за афирмација и учество на Македонија во било кој меѓународен натпревар и споменувањето на Македонија на такви настани не смее да се пропушти, е ставот на Програмскиот совет на МРТ, кој беше истакнат на седницата која се одржа неодамна.
.
Македонија веќе две години по ред не учествува на Евровизија, поради финансиска криза, а најверојатно ќе го пропушти и наредното издание на музичката манифестација која ќе се одржи во мај 2025 година во Базел.
И покрај тоа, од МРТ се сложни дека Евровизија е настан на кој се афирмира нашата земја, и треба да се направат напори за учество на истата во иднина.
Како што е впрочем наведено и во записникот од одржаната седница, до МРТ пристигнал и предлог, односно забелешка од група обожаватели на Евровизија, каде тие ја потенцирале потребата за учество на настанот.
-Претседателката на Програмскиот совет даде своја забелешка дека треба на една посебна седница да се расправа само за Евровизија и да се ангажираме и да направиме напори за учество на овогодинешниот Евросонг доколку се уште е можно такво нешто.
Програмскиот совет на МРТ како тело по трет пат односно трета година со ред сме сложни дека не треба да го откажуваме учеството на Евровизија дури и последни да сме секоја година, било која можност за афирмација и учество на Македонија во било кој меѓународен натпревар и споменувањето на Македонија на такви настани не смее да се пропушти.
Македонската Радио Телевизија постои за да продуцира музика и да ја афирмира музиката и културата на Македонија, и како е можно така лесно да се откаже една таква можност за афирмација, наведено е во записникот.
Сепак, враќањето на Македонија на Евровизија 2025 најверојатно нема да се случи, но ќе се направеле напори да се вратиме на манифестацијата во 2026 година.
,,Фокус” разговараше со лице вработено во МРТ, вклучено во случувањата околу Евровизија, кое не е овластено да дава официјални изјави, но неформално ни го пренесе генералниот став на јавниот сервис, а тоа е дека Евровизија е настан на кој земјата секако треба да учествува, без оглед на пласманот.
-За наредната година, најверојатно веќе е доцна за учество, сепак е потребна голема организација, но во интерес на сите е да продолжиме со учеството на Евровизија, можеби веќе во 2026 година.
Секоја година слушаме критики од јавноста, и тие се добредојдени во насока да се подобри организацијата, но за жал сведочиме и на непотребен јавен линч. Ова е забавен настан на кој се промовира земјата, согласни сме дека се потребни промени кога е концептот на избор на песна и претставник во прашање, но треба да и се погледне на реалноста во очи.
Верувајте дека даваме се од себе, ама на Евровизија нема правила. Друг аспект е и оној финансискиот. Факт е дека одиме со буџет далеку помал од оној на другите земји. Пред неколку години, на пример, на Евровизија, од соседна Србија дури имаа изнајмено и просторија за состаноци на нивната делегација во хотелот каде беа сместени делегациите, до толку беа организирани, но и финансиски поддржани.
Да не ја игнорираме вистината дека ние не сме богата земја, и од она кое ни е на располагање, се трудиме да го извлечеме максимумот, кажа нашиот извор од МРТ.
Македонија досега учествуваше на Евровизија 19 пати. Најдобриот пласман ни го донесе Тамара Тодевска во 2019 година, седмо место на настанот, а и прво место според гласовите на жирито