Во Хрватска уапсен е и началникот на Клиниката за неврохирургија

Полицијата рано утринава упадна на адресата на министерот за здравство на Хрватска, Вили Берош, во рамки на истрагата која е во тек, а на мета беа и неколку високи лекари, меѓу кои и директори на болници.

На местото на настанот имало и форензички возила, а полицијата го блокирала пристапот до објектот додека траела истрагата.

Според Индекс.хр, станува збор за акција на УСКОК, наводно поради набавка на медицинска опрема за неврохирургија во загрепската болница Виноград.

Истрагата моментално се води под нивен надзор, а според информации од извори блиски до истрагата, во наредните денови се очекуваат нови апсења.

Како што неофицијално дознава Индекс, меѓу уапсените лекари е и началникот на Клиниката за неврохирургија.

Уапсениот началник го ангажирал познатиот загрепски адвокат Љуба Павасовиќ Вишковиќ, кој потврдил дека се работи за негов клиент, но не сакал да ја коментира причината за апсењето.

– Апсењата и спроведувањето на итните доказни дејствија се резултат на истрагите кои претходно ги спроведе УСКОК. Наведените дејствија се вршат на подрачјето на Загреб и Скрадин во врска со повеќе лица, од кои едното е висок државен функционер, за кои постои основано сомнение дека сториле коруптивни кривични дела. По сослушувањето на осомничените, УСКОК ќе донесе одлука за понатамошно постапување во предметниот случај, за што навремено ќе дадеме јасност – се наведува во соопштението на УСКОК.

Back to top button
Close