Ирански власти: Враќањето на Трамп нема да влијае на односите меѓу Пекинг и Техеран

Враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа нема да има „никакво влијание“ врз надворешната политика на Иран, особено врз односите со Кина, изјави денеска главниот советник на врховниот лидер на Иран, Али Акбар Велајати.

Кина е најголемиот трговски партнер на Иран и главен купувач на неговата нафта под санкции.

Велајати, некогашен министер за надворешни работи на Иран (1981-1997) и клучна фигура во политичкиот систем на Иран, го советува ајатолахот Али Хамнеи за прашања од надворешната политика.

„Инаугурацијата на Трамп нема да има влијание врз надворешната политика на Иран, особено врз односите со Кина“, му рекол Велајати на кинескиот амбасадор во Техеран, Конг Пеиву, јави агенцијата Исна, која не го прецизира датумот на средбата.

Иран и Кина „имаат блиски и срдечни културно-историски односи долго време и имаат многу позитивни ефекти еден врз друг“, рече иранскиот претставник.

Минатата недела Трамп го назначи Марко Рубио, политичар кој е познат како непријателски настроен кон Кина и Иран, за шеф на американската дипломатија.

Back to top button
Close