Хаос со градскиот превоз: ЈСП нема гориво, автобусите доцнат
Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП Скопје се соочува со досега најголеми проблеми во функционирањето, нема доволно гориво за сите автобуси, а оние кои сообраќаат, доцнат со часови со што е загрозено и функционирањето и на работниците и на учениците.
Според информациите ЈСП се уште е без нафта. Претпријатието повеќе од три месеци се соочува со недостаток на нафта, но ситуацијата ескалираше завчера кога воопшто не беше испорачана нафта во двете автобази. Од синдикатот не знаат што се случува, велат ова е голем срам за градот.
Голем дел од учениците кои користат автобуски превоз на ЈСП доцнат на настава наутро, оти нема автобуси. Повеќето се соочуваат со добивање неоправдани изостаноци, затоа што дел од професорите не ги интересира од која причина не можат да стасаат на време на училиште.
Во последните три дена се одржуваат редовни родителски средби за крајот на училишното тримесечје на кои родителите и наставниците разговараат за проблемот со доцнење на децата кои користат превоз на ЈСП. Најголемиот дел од наставничкиот кадар толерантен поради новонастаната ситуација, но тоа не може да трае предолго.
Од Министерството за образование и наука за „Фокус“ велат дека не е регистрирано зголемување на бројот на изостаноци во средните училишта.
„Педагошка евиденција водат наставниците и според податоците за изостаноци на средношколците, кои се внесени во електронскиот дневник од почетокот на оваа учебна година, не се забележани отстапувања од податоците кои го покажуваат просекот од истиот период во претходната учебна година “, велат од Министерството за образование.
И додека граѓаните си го губат времето чекајќи со часови по автобуските станици, препукувањата помеѓу Град Скопје и ВМРО ДПМНЕ за колапсот на ЈСП продолжуваат.
– Јавниот превоз е во ужасна состојба. Граѓаните со часови чекаат на автобуските постојки на овие ниски зимски температури за да им дојде автобус на ЈСП. Кај што нема автобуси, така и тие што ги има Арсовска не ги одржува и постојано се расипуваат. А дел од нив поради нередовното сервисирање, возејќи се запалуваат, така што го загрозуваат животот на патниците и воопшто на сите граѓани. – ВМРО-ДПМНЕ.
Од Град Скопје велат дека тие се блокирани од советниците на ВМРО-ДПМНЕ .
– Неколку месеци по седнување во премиерската фотеља, шефот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски, започна со перфидни затскриени пресметки со сите кои му го попречуваат патот до институциите и нивните буџети. Градот Скопје е предмет на блокада од неговите послушници во Советот, каде веќе 3 години се обидува да префрли вина на друг за одлуки кои само неговите советници на чело со Трајко Славевски можат да ги донесат. – Град Скопје.
Од опозициската СДСМ порачуваат, градот не е приватна фирма за експериментирање, градоначалничката и советниците да си заминат доколку не можат да си ја завршат работата.
За вo петок жителите на Шуто Оризари најавија протест пред канцаларијата на Арсовска . Откако приватните превозници престанаа да возат оти Арсовска не им плаќа, автобуси на линијата 19 не возат и со тоа оваа скопска општина е отсечена од градот.
Вчера повторно се запали автобус на ЈСП, но за среќа повредени нема. Од ЈСП немаат став зошто се пуштат неисправни автобуси и дали автобусите редовно се сервисираат.
…