Градоначалникот на израелскиот град Кирјат Шмона го оцени потенцијалниот договор за примирје со Хезболах како „капитулација“
Градоначалникот на Кирјат Шмона, Авихаи Стерн го критикуваше новиот потенцијален договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах, предупредувајќи дека тоа може да доведе до „уште еден 7 октомври“ во северен Израел, објави израелската новинска агенција ТПС.
„Не разбирам како отидовме од целосна победа до целосна капитулација. Зошто не го завршиме она што го започнавме?! Успеавме да го дестабилизираме Хезболах и наместо да продолжиме да ја уништуваме организацијата, ние ја снабдуваме со кислород и ја реанимираме“, рече Стерн.
Тој, исто така, предупреди дека договорот ќе значи дека 22.000 жители на градот ќе се вратат во „уништен град без безбедност и иднина“.
Се смета дека договорот вклучува прекин на огнот, повлекување на Хезболах од јужен Либан, проследено со повлекување на израелските трупи од либанска територија. Според договорот, САД најверојатно ќе предводат меѓународен тим кој ќе го надгледува прекинот на огнот, додека израелската војска ќе го задржи правото да одговори со сила доколку Хезболах го прекрши договорот.