Докторите во малите места ќе можат да работат без медицински сестри
На докторите во помалите населени места, во следните 24 месеци, ќе им биде дозволено да продолжат да работат без медицински сестри. Ова беше соопштено по состанокот на директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов, со раководството на Здружението на приватни лекари (ЗПЛ) и координатори од градови.
Тема на разговор на денешната средба биле и бодовите по капитација, дестимулативните мерки, казните.
Претседателката на ЗПЛ, доктор Лилија Чолакова Дервишова на прес-конференцијата изјави дека дискутирале многу теми, а повеќе години немале вакви разговори.
– Ги запознаваме двајцата директори за сите проблеми што се во примарното здравство сѐ со цел да направиме позитивен исчекор, да ги задржиме докторите, да ги задржиме сестрите. Најдовме заеднички јазик околу проблемот за руралните амбуланти, што навистина треба да ги сочуваме. Народот да се задржи таму, да се лекува и да биде еднаква пристапноста на сите граѓани во Република Македонија. Најдовме многу позитивен момент и прифаќање од страна на двајцата директори, во малите места, каде недостасуваат медицински сестри, докторите ќе продолжат да работат. Со тоа ги спасивме тие ординации, заради тоа што, едноставно, законите што беа направени многу одамна, веќе не се функционални, изјави Чолакова Дервишова.
Таа се заблагодари што во малите места ќе се продолжи со работа односно ќе продлжат здравстевните услуги и заштита за граѓаните.
Клековски истакна дека генерално се сложиле оти потребен е континуиран дијалог. Како што подвлече, очигледно било дека „дефицитот на кадар и неатрактивноста на примарната здравствена заштита бара преиспитување на целиот концепт“. Бидејќи со овој, како што појасни, многу бргу ќе се остане без матични доктори и во помали градови и во периферија на поголемите.
– Мерките во однос на руралните доктори се темпирани на 24 месеци. Значи, ќе им биде дозволено да немаат медицински сестри следните 24 месеци, каде имаме системски поглед да дадеме на прашањето, законски поглед, како ќе функционираат понатаму тимовите. Зголемени се бодовите за руралните доктори. За 22.000 денари нето се зголемени фиксните примања на руралните доктори, имаат зголемени трошоци, можеби заради нивното патување до местото на ординација. Тоа е веќе договорено, решено. Одлуките се донесени, направени и стапуваат во сила, подвлече Клековски.
Подобро е, посочи, да има какво било здравствено лице присутно во руралните и во помалите места, отколку да нема никој.
– Се надевам дека рокот што си го дадовме, 24 месеци, е изводлив за да најдеме трајно решение, бидејќи јасно е дека ќе има сѐ помалку здравствени работници во иднина, рече Клековски.
Како што рече, спремни биле да ги погледнат сите казни заедно со Здружението, па да бидат казнувани само повторливи дејства и дејства во однос на лажни боледувања. За овие прашања било договорено да имаат работни групи и да има рок да финализираат, до средината на декември.
Тој се осврна и на безхартиеното работење на ординациите.
– Секако разбираме дека има сѐ помалку луѓе за работа и дека треба бесмислената администрација да ја намалиме, две работи веќе можевме да ги обзнаниме, работиме на е-рецепти, што до крајот на полугодието 2025 треба да бидат во пробна употреба и во функција, каде комплетно ќе се елиминира хартијата и кај матичните доктори и кај аптеките и кај Фондот, поврзано со рецепти и ќе ги дигитализираме сите анекси за околу 1.500 ПЗУ за да тие може да се потпишуваат дигитално, да нема потреба да доаѓа хартија, потпишување и слично, информираше Клековски.