Локални бизниси во Солун како „засолништа“ за жртви на родово насилство

Кафулиња, ресторани, минимаркети, аптеки, бензински пумпи, се меѓу 50 бизниси во Солун кои ќе бидат означени како „засолништа“ за жртви на родово насилство, односно ќе бидат безбедни простори за луѓето во опасност сè додека не добијат соодветна помош и за таа цел ќе бидат означени со специјални налепници, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што пишува грчката новинска агенција АНА-МПА, конкретната кампања е по иницијатива на непрофитната и невладина организација „Ирида-Центар за жени“ во Солун, а доаѓа откако во март во центарот на Солун беа нападнати две лица од ЛГБТ заедницата и беа засолнети во ресторан, а пред неколку години келнерка во кафуле во Атина спаси малтретирана жена.

Иницијативата била соопштена на настанот „Солун го крева гласот против родовото насилство“ во организација на Општина Солун, Генералниот конзулат на САД во Солун и невладината организација.

Основачот на „Ирида“ Хлои Кусула, рекла дека создавањето на мрежата на локални бизниси како безбедни точки е дел од кампањата #SheChangeSpeak.

– Ќе соработуваме со 50 бизниси од регионот на Солун – кафулиња, ресторани, аптеки, бензински пумпи, мини маркети, а нашите психолози ќе го обучуваат нивниот персонал за пружање прва помош и поддршка на лицата во опасност. Педесетте локални бизниси кои ќе учествуваат во мрежата ќе бидат означени со налепница која ќе биде дизајнирана како дел од кампањата да биде препознатлива и лицето во опасност ќе види дека е безбедно место за влез и барање помош, објаснила Кусула за АНА-МПА.

Back to top button
Close