Бајден: Русија изврши ужасен воздушен напад врз Украина, САД продолжуваат со подршката за Киев
Русија изврши ужасен воздушен напад врз Украина со речиси 200 ракети и дронови а против украинските градови и енергетската инфраструктура, лишувајќи ги украинските граѓани од пристап до електрична енергија, соопштија синоќа од Белата куќа.
Во соопштението, потпишано од претседателот Џо Бајден, се вели дека „овој жесток“ напад е уште еден потсетник за итноста и важноста на поддршката за украинскиот народ во нивната одбрана од руската агресија.
-На овој ден, мојата порака до украинскиот народ е јасна: Соединетите Американски Држави стојат покрај вас. На почетокот на оваа година и по моја наредба, САД започнаа со приоритетен извоз на противвоздушна одбрана за Украина. Министерството за одбрана достави стотици дополнителни ракети за противвоздушна одбрана до Украина и понатамошни испораки се во тек, соопшти Бајден.
-Мојата администрација работи со месеци да помогне на Украина да биде поотпорна со нејзината енергетска мрежа а во подготовка за зимата, додека Министерството за одбрана продолжува да испраќа други критични капацитети до Украина, вклучувајќи артилерија, ракети и оклопни возила.
Бајден изјави дека Русија продолжува да ја потценува храброста, отпорноста и решителноста на украинскиот народ.
-Соединетите Американски Држави, заедно со повеќе од 50 земји, ја подржуваат Украина и нејзината борба за слобода.
Милиони Украинци останаа без електрична енергија во рускиот напад претходната ноќ, за кој рускиот претседател Владимир Путин рече дека е одмазда за употребата на американски ракети HIMARS од страна на Украина врз воени цели на руска територија.