Генералниот секретар на германските либерали поднесе оставка поради протекување на доверливи информации
Генералниот секретар на германската Либерално-демократска партија (ФДП), еден од тројцата членови на коалициската влада во заминување, Бијан Ѓир-Сараи, денеска поднесе оставка поради протекување доверливи информации за излегување на партијата од владата.
-Ненамерно ја дезинформирав јавноста за содржината на спорниот документ. Тоа не ми беше намерата и затоа се извинувам, изјави Бијан Џир-Сараи.
Тој додаде дека поднесува оставка поради протекување податоци од т.н „Денот Д“ документ, кој покажа дека ФДП долго време планира да ја напушти Владата.
-Затоа преземам политичка одговорност да спречам оштетување на мојот кредибилитет и на мојата партија, рече Џир-Сараи.
Вчера, по објавувањето на документот во медиумите, раководството на партијата објави внатрешен меморандум во кој се посочува дека ФДП долго време го планира излегувањето од социјалдемократско-зелено-либералната коалициска влада на Олаф Шолц. Од ФДП го обвинуваат канцеларот за колапсот на владата, кој на почетокот на месецот го разреши министерот за финансии и претседател на ФДП, Кристијан Линднер поради несогласувања околу буџетот.
Во јавноста веќе се објавени внатрешни досиеја кои покажуваат како ФДП со месеци планирала да ја напушти владата и да го собори канцеларот Шолц, иако по разрешувањето на Линднер од владата, ФДП се обидува да се прикаже себеси како жртва во јавноста.
По распуштањето на владата, Шолц на 16 декември ќе поднесе барање за доверба во Бундестагот, што се очекува да биде одбиено. Предвремените парламентарни избори треба да се одржат на 23 февруари. Според анкетите на јавното мислење, ФДП во моментов нема да го премине изборниот праг од пет проценти.