Осумдневен притвор за тројца приведени за вчерашните настани во кои беа уништувани национални симболи и државното знаме
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на ОЈО Скопје за определување мерка притвор против три лица во скратена постапка, по произнесување на осомничените, кои доцна попладнево беа спроведени во судот, донесе решенија со кои го прифати предлогот и на тројцата им определи 8 дневен притвор, заради опасност од бегство и повторување на делото, информираат од Кривичниот суд.
Приведените лица, се вели во соопштението, се сомничат за кривчното дело од чл.319 ст.1 од КЗ, а поврзани со вчерашните настани во кои беа уништувани национални симболи и државното знаме.
ЈОРСМ, претходно информираше дека Основното јавно обвинителство Скопје, повело постапка против три полнолетни лица за кривично дело – Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа од член 319 став 1 од Кривичниот законик, додека против уште едно малолетно лице ќе се води редовна постапка според Законот за правда за децата.
-Осомничените на 28.11.2024 година околу 20:00 до 23:00 часот на булевар „Крсте Мисирков“ во Скопје, по завршување манифестација на плоштадот Скендербег по повод прослава на денот на албанското знаме, со излагање на подбив на национални симболи, односно со палење, уништување и кинење на државното знаме, предизвикале омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност, се вели во соопштението од ЈОРСМ.
За полнолетните осомничени надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор.
Претходно, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информира дека се уапсени осум лица кои учествувале во вчерашните инциденти кога по повод прославата на Денот на албанското знаме беше осквернавено македонското знаме. Тошковски рече дека четворица од нив се сомничат согласно член 319 од Кривичниот законик за кое кривично дело е предвидена казна затвор од минимум една година.
Тошковски нагласи дека сите се млади лица, а еден е малолетник. Еден од нив е фатен како го пали македонското знаме, а друг како го симнува знамето. Останатите четири лица кои се приведени се уапсени затоа што учествувале во тепачка