Притвор за четири лица што врбувале Бразилки на проституција во два стана во Скопје

Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје изрече мерка притвор за четири лица што вчера се уапсени при претрес на пет локации во Скопје и Куманово, поради постоење на основано сомнение за посредување при вршење проституција и перење пари.

Според Министерството за внатрешни работи, осомничените организирале мрежа за врбување, превезување и сместување на жени од Бразил во Скопје, со цел вршење на проституција.

Како што информираат од Обвинителството, постои сомнение дека тројца од приведените сториле кривични дела за посредување при вршење на проституција и за перење пари, а четвртоосомничениот за перење пари.

Групата, вклучувајќи бразилска државјанка со дозвола за привремен престој во државата заедно со уште двајца македонски државјани, од кои едниот е роден во Сирија, во период од речиси една година прифатиле пет Бразилки на возраст од 26 до 38 години и ги сместиле во претходно изнајмени станови во комплексот „Џевахир Холдинг“ во Скопје.

„Девојките во двата стана каде биле сместени, давале сексулани услуги на клиенти кои со нив стапувале во контакт преку меѓународна веб-страна наменета за понуда на ескорт девојки во цела Европа. На веб-страната девојките имале креирани еден или повеќе профили на кои биле објавени телефонски броеви, ценовник на сексуални и дополнителни услуги и фотографии со експлицитна содржина“, информираат од обвинителството.

Back to top button
Close