ВМРО-ДПМНЕ: Филипче потврди дека е продолжена рака на Заев
Филипче потврди дека е продолжена рака на Заев, не се откажа од предавствата, аферите и криминалот – реагираат вечерва од владејачката ВМРО-ДПМНЕ по вечерашното интервју на „360 степени“ со лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во кое, меѓу другото, тој говореше за новото партиско раководство, но и за добрите релации кои ги одржува со екслидерите на СДСМ, меѓу кои и Зоран Заев.
Во интервјуто за „360 степени“ Филипче рече дека има одлична комуникација со претходните лидери на партијата, дека им се обраќа за совет, но и дека нема да дозволи мешање во партиските политики. Не смета дека треба да расчисти со Заев за да успее како лидер на СДСМ.
Во писмената реакција на владејачката партија оттаму повторно реагираат на изборот на новото раководство на Социјалдемократскиот сојуз, оценувајќи дека Филипче слепо ги следи наредбите на екслидерот Зоран Заев.
„’Новиот’ тим на потрчкото на Заев – Венко Филипче – се луѓе кои биле членови на поранешни НВО и Сорос активисти. Сегашното раководство на марионетата на Заев, лица од третиот и четвртиот ешалон во СДС, се лица кои се деца на Заев, израснати во СДС и одработуваат за нивниот лидер. Поради нив, Македонија седум години тонеше на економско, културно, здравствено и секое друго општествено поле. Тие се виновници за лошата инфраструктура, тендерите во здравството и обезличувањето на македонскиот народ“наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ во писменото соопштение.
Владејачката партија го оцени за убедливо најлош изборот на новото раководство на СДСМ, бидејќи, како што оценуваат, ни самиот Филипче не верува во луѓето што ги поставил до него.