(Германски медиуми) Експлозија на Косово: „Подготовка на теренот“
Во краткиот извештај се пренесуваат и зборовите на Курти дека „нападот го извршиле професионалци. Станува збор за нов злосторнички и терористички напад за кој веруваме дека е од банди предводени и диригирани од Србија.” Германскиот весник сепак наведува и дека заднината на нападот „сѐ уште не е јасна” и дека „Белград негира каква било одговорност”.
„Хибридна војна”
Берлинскиот весник „Тагесцајтунг” ја пренесува реакцијата на Европската унија, која ја осуди експлозијата како „терористички напад”, како и изјавата на високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ во заминување, Жозеп Борел, кој оценува дека тоа е „одвратен чин на саботажа на критичната цивилна инфраструктура на Косово”. Исто така се наведува дека „на меѓународната критика се приклучуваат САД, Франција и Турција”, како и дека „заштитните сили КФОР предводени од НАТО повикуваат на воздржаност”.
Весникот пишува дека „косовските медиуми веруваат оти нападите се почеток на хибридна војна предводена од Русија. На почетокот на неделава напаѓачите фрлија рачни бомби врз општинската зграда и полициската станица. Најлошата ескалација во последните години се случи на крајот на септември 2023 година по фаталниот напад од српските паравоени командоси врз патрола на косовската полиција, кога триесетина вооружени мажи нападнаа патрола на косовската полиција”.
„Србија се надева на помош од Русија и САД”
„Франкфуртер рундшау” пренесува дека по нападот на Косово „Приштина и Белград меѓусебно се обвинуваат” и воедно се оценува дека „Србија се надева на помош од Русија и од САД“. „Владата на Србија долго време тврди дека нејзините сонародници во Косово се угнетувани. Таа никогаш не ја призна државата Косово и се обидува да го поткопа територијалниот интегритет и суверенитет на земјата преку бројни меѓународни иницијативи. На изборната победа на Доналд Трамп на Балканот се гледа како на можност за Србија – чие раководство одржува блиски контакти со опкружувањето на Трамп – да ги унапреди своите интереси. Во овој контекст, нападот (на каналот Ибар-Лепенац, заб. на ред.) се гледа како подготовка на теренот за тоа”.
„Тоа во никој случај не е големосрпски сон”, оценува германскиот весник, „првата администрација на Трампја поддржа Србија во нејзиниот план да го одвои северот на Косово и да го припои кон Србија. Повеќето Срби живеат на север, а има и многу природни ресурси. Многу познавачи на ситуацијата сега стравуваат дека под втората администрација на Трамп, би можело да дојде до уште еден обид за исцртување граници на Балканот врз основа на етнички критериуми, што би било исклучително опасно, особено за државата Босна и Херцеговина – а, со самото тоа би се зголемил и ризикот од војна”, заклучува „Франкфуртер Рундшау”.(dw)