Поради снегот, повеќе лица заглавени во општина Студеничани

Поради наноси од снег повисоки од 60 сантиметри, едно лице е заглавено во месноста „Празни торба“ – Црни врв, село Цветово во општина Студеничани. Исто така, Центарот за управување со кризи стигната е пријава и за лица кои се наоѓаат во Планинарскиот дом „Караџица“ и поради снежната покривка не можат да се вратат дома.

Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), лицето денеска, во 9:18 часот, во РЦУК Скопје пријавило дека е заглавено, се наоѓа во сопствена викендичка и не е во можност да го користи сопственото моторно возило, иако има зимска опрема.

Од РЦУК Скопје го известиле градоначалникот на Општина Студеничани, кој информирал дека имаат договор со фирма за чистење на снегот, но само до населените места. Потоа од градоначалникот добиле информација дека не успеале да обезбедат багер за чистење на снегот, но на пријавувачот му било понудено да биде евакуиран со возило мотор со гасеници, но го одбил тоа бидејќи не сакал да го остави возилото.

Во 9:20 часот добиена е пријава за лица кои се наоѓаат во Планинарскиот дом „Караџица“ во Општина Студеничани, со возило, но поради висината на снежната покривка не можат да се вратат дома. И за овој случај е известен градоначалникот на Општина Студеничани.

ЦУК соопшти дека има проблеми со водоснабдувањето во Берово, Кавадарци и Крушево. Апелираат сите итни случаи да се пријавуваат на бројот 112 во ЦУК.

Back to top button
Close