Вучиќ: Отворен и тежок разговор со Каја Калас

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Брисел се сретна со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Каја Калас, а по средбата изјави дека имале „отворен и тежок разговор“.

Ова е нивна прва официјална средба откако Калас ја презеде функцијата на 1 декември годинава, пренесува РТС.

Вучиќ, на својот Инстаграм профил buducnostsrbijeav, соопшти дека со Каја Калас разговарал за европскиот пат на Србија и за воспоставувањето дијалог со Косово.

„Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика зборуваше за неопходноста од воспоставување дијалог со Приштина, решавањето на случајот Бањска и воведувањето санкции кон Руската Федерација. Одговорив во согласност со политиката и интересите на Србија“, наведе Вучиќ.

Претседателот на Србија, за време на еднодневната посета на Брисел, ќе одржи низа средби со други претставници на ЕУ и ќе присуствува на неформална вечера што ја организира новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта, за лидерите на Западен Балкан.

Вучиќ ќе се сретне и со генералниот директор на Директоратот на Европската комисија за проширување и соседска политика, Герт Јан Копман, со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, со еврокомесарката за проширување, Марта Кос, како и со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

Претседателот на Србија, заедно со другите лидери од Западен Балкан, ќе учествува на неформалната вечера организирана од Кошта, чија цел е да се даде нов поттик во односите со регионот.

Вечерата ќе биде и можност за подготовка на претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи на 18 декември.

Најавено е дека на вечерата ќе присуствуваат и Каја Калас, како и новата комесарка за проширување, Марта Кос.

Back to top button
Close