Мицкоски за оставката на Дамева: Треба да биде правило, а не исклучок да се замине кога довербата е неоправдана, а очекувањата неисполнети

Не треба да биде исклучок, туку пракса – секој оној што нема да ја оправда довербата на граѓаните и што нема да ги исполни очекувањата да замине од позицијата, без разлика на улогата во општеството што ја има. Ваков коментар денеска даде премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање во врска со оставката од функцијата што пред неколку дена ја поднесе претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.

„Очекувам малку поголем фокус да имаат во справувањето со криминалот и корупцијата, но тоа пред сè важи за обвинителите кои во сред акции кога треба да потпишат налог за претрес или приведување добиваат главоболка, покачена температура, грчеви во стомак, дијареја или анксиозност“рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.

Дамева поднесе оставка од функцијата претседателка на Судскиот совет – во образложението посочи на Мицкоски и Милошоски

Прашан за коментар во врска со одлуката на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски за реорганизација на силите во Обвинителството со цел поефикасен прогон во случаи на криминал и корупција, премиерот Мицкоски рече дека не би сакал да го коментира државниот обвинител, велејќи дека иако власта има комотно мнозинство за негова смена, нема да постапува како претходните власти, бидејќи сака да му дадe шанса на процесот.

„Тоа не е наша политика. Можеби на некои минати влади, но на оваа влада тоа не е политика. Ние можеме преку истражните органи како финансиска полиција, УЈП, МВР да подготвиме случаи и да му ги дадеме на Обвинителството, а потоа Обвинителството е тоа коешто поднесува пријава, а подоцна, доколку Судот ја прифати – суди. Јас само упатив пораки во јавноста и ќе продолжам да упатувам и кон обвинителите и кон судиите да си ја работат својата работа, да не бидат партнери со криминалците без разлика дали се тоа политички или вистински криминалци од улиците, туку да се борат против криминалот и корупцијата и конечно очекувам да почнат да си ја работат работата и да ја заработуваат платата којашто им ја даваат македонските граѓани, а не е мала“ изјави премиерот.

По критиките од власта, Коцевски ги задолжил обвинителите да го приоритизираат постапувањето по предметите за корупција.

Back to top button
Close