Јовановска Стојановска (психолог): Очигледно има потфрлување во системот на образование во случајот со третоодделенецот
Очигледно е дека има потфрлување во системот на образование, вели Мирјана Јовановска Стојановска, психолог и вонредна професорка во изјава за МИА во врска со случајот со третоодделенецот што ја бранува јавноста. Таа подвлекува дека се работи за основно прашање, за дете што ќе биде дел од нашата иднина, од општеството.
Професорката смета дека повеќето деца што се агресивни и несоцијализирани, се такви поради средината во која пораснале и живеат или поточно, нивниот начин, како тие ја доживуваат таа средина, како одговараат на предизвиците што им ги дава средината.Мерките што во моментов ги има во образованието, според неа, недоволно го третираат овој проблем, на несоодветен начин и би требало многу посериозно да се работи на тоа.
– Не да има само работилници, проекти, што одвреме – навреме ќе ги вклучат наставниците, психолозите, како да работат со булинг. Тоа треба да биде систематски направено, грижата за менталното здравје на учениците да биде континуирана уште од самиот почеток на образованието. Грижата за нивното ментално здравје треба да биде на многу повисоко ниво. Да се работи на превенцијата, откако претходно би имало измени во законските решенија за образование, истакнува таа за МИА.
Според неа, стручна екипа треба да се посвети на детето, да се определат точните причини за неговото однесување, да се работи на промена на неговото однесување. Притоа нагласува дека децата не се раѓаат такви. Сите треба, вели, да се вклучат, во неговата повторна социјализација. Таа додава дека заеднички на случајот треба да поработат Центарот за социјални работи, Министерството за образование, Комората на психолози и да дојдат до заедничко решение.
– Проблематичните деца се одраз на возрасните. Надлежните да се посветат на тоа и да направат позитивни промени, порачува таа.
Од Министерството за образование и наука информираа дека е формирана интердисциплинарна комисија која треба да го разгледа случајот и да донесе мерки коишто ќе бидат во интерес и на ученикот и на сите инволвирани страни.