Двајца уставни судии Албанци ќе отсуствуваат кога судот ќе го разгледува предметот за Законот за употреба на јазиците, најави Меџити

Првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити вели дека има најави оти на седницата на Уставен суд, на која треба да се разгледува предметот за Законот за употреба на јазиците кој е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, нема да присуствуваат двајца судии. Тоа, како што рече Меџити, ќе значи дека одлуките нема да бидат легитимни.

Изјавата на Меџити денеска доаѓа по најавата на претседателот на Уставен суд Дарко Костадиновски што ја даде минатиот месец во телевизиско гостување каде рече дека во декември на дневен ред ќе биде овој предмет и дека за него постои заклучок оти ќе се одлучува во полн состав на Уставниот суд односно со 9 судии.

„Имаше изјава од претседателот на Уставниот суд дека за треба да бидат присутни сите девет члена. Веќе има најави дека двајцата судии Албанци нема да присуствуваат на седницата, така што нема да биде легитимно каква и да е одлуката без нивно присуство“,

рече Меџити одговарајќи на новинарско прашање при неговата денешна посета на Липково.
Тој упати апел до судиите од Уставен суд да бидат на ниво на задачата, бидејќи „тие се политички одлуки коишто се важни за соживотот, за меѓуетничките односи и за доброто на државата“.

Костадиновски тогаш рече дека не сака да верува во шпекулации и во сценарија дека судиите од немнозинските заедници би бојкотирале, што би значело дека нема да може да се расправа за иницијативите ако судот не е во полн состав.

„Јас не сакам да верувам во такви сценарија, но нсепорен факт е дека јас како претседател на судот сум обврзан со заклучок на судот. Се додека е на сила тој заклучок, дека тој и уште неколку предмети мора да се одлучуваат поради сензибилноста, важноста на предметот, општествениот импакт и импликации, да се одлучува во полн состав. Се додека не се донесе нов заклучок тој е на сила“, рече Костадиновски.
За тоа дали е можно таа седница да не се случи годинава, Костадиновски одговори потврдно.

Back to top button
Close