Благодарен сум им на сојузниците што ни помагаат, но некои работи ќе мора самите да ги истераме до крај, рече Филков за „црната листа“ на САД

Благодарен сум им на нашите партнери што ни помагаат во процесите на откривање корупција, но некои работи ќе мора самите да ги истераме до крај. Ова денеска го рече министерот за правда Игор Филков одговарајќи на новинарско прашање зошто македонските надлежни институции немаат истраги за корупција, а САД веќе процениле дека има за случаите поврзани со поранешниот прв вицепремиер Артан Груби од Демократската унија за интеграција (ДУИ) и судијата во Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, кои пред неколку дена се ставени на т.н. „црна листа“ на Соединетите Американски Држави.

„Во периодот што следува да видиме што ќе се случува, да не брзаме со заклучоци“,рече тој.

На прашањето зошто македонските институции не можеле да ги откријат и гонат за сторена корупција лицата што се на „црната листа“ на САД, за кои процениле дека имаат дејства на корупција, Филков посочи дека се потребни усогласувања.

„Не би рекол дека не можат. Тоа значи дека имаме многу пред нас за усогласување. Да почекаме и да видиме што ќе се случи“,вели министерот за правда.

За реформите во Судскиот совет рече дека се работи на измените, за што досега се одржани три расправи. Посочи дека претстои уште една расправа, која треба да се одржи следната недела, по што ќе се сумираат заклучоците и Министерството ќе излезе со конкретен предлог.

За измените на Кривичниот законик што ги најави уште летоска, а со кои треба да се спречат негативните последици од измените што беа направени и поради кои застареа токму делата што се поврзани со ставањето на Груби и судијата Беџети на „црната листа“, Филков очекува да бидат завршени до крајот на годината.

Тој не одговори на дополнителното прашање што ќе содржат измените.

Американскиот Стејт департмент завчера соопшти дека поранешниот прв вицепремиер Артан Груби од Демократската унија за интеграција (ДУИ) и судијата во Апелацискиот суд во Скопје, Енвер Беџети, се ставени на т.н. „црна листа“ на САД. Груби и Беџети се најдоа на листата поради вмешаност во „значителна корупција“, конкретно поради примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со ексдиректор на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.

Американската амбасадорка Анџела Агелер вчера на прес-конференција рече дека ставањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети на „црната листа“ на САД е за да се повикаат на одговорност оние поединци чии криминални дејности ги поткопуваат безбедноста, стабилноста и вредностите на управување.

Таа нагласи дека доказите за нивните влијанија се достапни и очекува македонските институции да преземат мерки.

Back to top button
Close