Вселенскиот патријарх Вартоломеј испрати писмо со сочувство за смртта на митрополитот Тимотеј
Вселенскиот патријарх Вартоломеј испратил писмо со сочувство до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан, за смртта на митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј, кој по кратко боледување почина на 25 ноември годинава.
Писмото е со датум од 3 декември, а неговата содржина вчера е објавена на црковниот портал Литургија.мк.
„Преосвештен Архиепископе Охридски, во Светиот Дух возљубен брате и сослужителу на нашата Смиреност господине Стефане, благодат и мир од Бога нека биде на вашето Преосвештенство.
Со голема тага бевме информирани за упокојувањето во Господа на незаборавниот наш брат, Митрополитот Дебарско-Кичевски Тимотеј, благиот и скромен архијереј, кој го посвети својот живот во служба на Светата Црква. Молејќи се за покој на душата на блаженоупокоениот брат Тимотеј во живеалиштата на праведниците заедно со оние кои од памтивек Му благоугодиле на Бога, на вашето Преосвештенство му изразуваме, на Мајката Црква и нашето, сочувство за смртта на овој архијереј. Се молиме Христос нашиот Бог, Кој има власт над мртвите и над живите, да ја упокои душата на преминатиот од нас под сенката на дрвото на животот при водните извори, а неговиот спомн да биде вечен.
По овој повод, ги повикуваме врз вас благодатта и бескрајната милост на Бога на нашите отци, Кој има власт над животот и над смртта.
3 декември 2024
Возљубениот во Христа брат, Константинополскиот В.“,
гласи писмото испратено од вселенскиот патријарх до поглаварот на МПЦ-ОА.
Според порталот Религија.мк, во очи паѓа тоа што писмото на вселенскиот патријарх е објавено две недели откако е напишано, ако се земе предвид датумот кој стои на самото писание (3 декември) и датумот на неговата објава на црковниот порал Литургија.мк (17 декември).
„МПЦ-ОА преку црковниот портал Литургија.мк изминатив период ги објавуваше сите писма за сочувство од помесните православни цркви, па дури беа објавени поединечни писма и од митрополити, свештеници, и разно разни институции на СПЦ. За целиот овој период црковната јавност остана збунета зошто Вселенската патријаршија не исрати писмо за сочувство. Дневниот весник Вечер објави анализа викендов на оваа тематика. А, индикативно е што писмото од Вартоломеј доби јавност по овој текст“,пишува Религија.мк.
Дебарско-кичевскиот митрополит Тимотеј почина на 25 ноември годинава на 73-годишна возраст. Пред да се упокои, г. Тимотеј одреден период беше на болничко лекување поради проблеми со срцето, каде што и почина.