КОЈ ЌЕ ГИ ИСТРАЖУВА ОНИЕ ШТО ТРЕБА ДА ИСТРАЖУВААТ
Недопирливите во правосудниот систем се изборот на нашата реалност

Хаосот, во кој живееме како граѓани во сопствената држава, е резултат на замолчувањето на правото и правдата, длабоко закопани под превезот на институционалниот молк. Безредието започнува кога правдата ја снемува. Правосудниот систем ни е хаотичен.
Деновиве, повторно бевме сведоци на одлука на ОЈО ГОКК со која е затворен предметот поврзан со јавните набавки за изградбата на модуларните болници. Предметот беше отворен веднаш после трагедијата во Тетово, каде трагично ги загубија животите 14 наши сограѓани, токму таму каде што да бидат безбедно згрижени и лекувани. Во модуларна болница како на клада! Четиринаесет животи. Четиринаесет семејства со празни места на семејната маса и празни души.
Повторно и повторно едно исто прашањето. Кој ќе одговара пред законот, кој е виновен?
Не тврдам дека секоја трагедија мора по автоматизам да произведе кривична вина. Но во една правна држава мора да се дојде до целосна, убедлива и проверена институционална вистина.
Ако причината навистина се сведува на електричен кабел, тогаш јавноста има право да знае кој го поставил тој кабел, кој го одобрил, кој го контролирал, кој ја примил болницата како безбедна и како институциите дошле до заклучок дека одговорноста завршува токму таму.
Четиринаесет човечки животи не можат да се затворат со една техничка констатација без целосен одговор на прашањето кој бил должен да спречи таква опасност. Ако ние, граѓаните на Македонија, не ја слушнеме, не ја добиеме вистина, недовербата станува неизбежна.
Не е најстрашно што еден предмет се затвора. Најстрашно е кога граѓаните повеќе не веруваат дека воопшто постои некој што ќе ја бара вистината. Токму затоа, денес сè подлабоко навлегувам во законите, и се прашувам на кој начин граѓаните можат да побараат одговорност од институцијата којашто има моќ да гони други. Тука е јазолот на суштинскиот проблем. Обвинителството има огромни овластувања да истражува, да отвора предмети, да бара мерки, да предлага обвиненија и со години да влијае врз животот и имотот на луѓето. Но, кога се поставува прашањето за неговото сопствено работење, механизмите за непосредна граѓанска контрола стануваат многу потесни и недостапни.
Ако обвинителството може да го истражува секој граѓанин, тогаш мора да постои механизам што ќе го преиспита и самото обвинителство. Независноста на една институција не смее да значи нејзина недопирливост!
Независноста не значи недопирливост исто како што и функцијата не значи имунитет од одговорности. Затоа упатувам апел до највисокото законодавно тело, Собранието, сериозно да ги разгледа механизмите за лична, професионална и институционална одговорност, токму на оние што со несовесно или нестручно постапување можат да предизвикаат огромни последици по граѓаните, а со тоа и врз целиот систем. Не зборувам за политичка контрола врз обвинителството. Зборувам за одговорност според закон, а тоа се две сосема различни работи. Во краток временски период јавноста повторно гледа завршување или сериозни пресврти во повеќе предмети од висок јавен интерес. Секој од тие предмети има своја правна и фактичка историја и не смее да се меша со другите. Но, граѓаните имаат право да ја гледаат пошироката слика и да се запрашаат дали системот навистина функционира еднакво за сите? Ова горливо прашање го поставувам и од лично искуство. Во случајот со Еуростандард банка, по повеќегодишна истрага отпадна еден од најтешките почетни сомнежи, а сепак предметот продолжи по друга правна конструкција. Кога станува збор за нас, институционалната строгост изгледа бескрајна. Кога станува збор за проверка на самите институции, одеднаш сите врати изгледаат потешки за отворање. Е тогаш, мора да прашам, дали правдата има исто лице кога е свртена кон граѓаните и кога е свртена кон институцијата?
Почитувани мои сограѓани,
Дали навистина ќе продолжиме да прифаќаме секое институционално образложение без право да поставиме дополнително прашање?
Дали сме станале општество во кое граѓаните треба само да слушаат, молчат и прифаќаат?
Одбивам да верувам во тоа. Граѓаните молчат од причини, кои што тешко можам да ги разберам. Политичките партии со години најавуваат реформи во правосудството, но довербата на граѓаните останува драматично ниска. Без доверба во правдата, нема доверба ниту во државата.
Соседна Србија покажа колку една трагедија, за жал, може да ја разбуди јавноста. По уривањето на покривот од станицата во Нови Сад, при што загинаа луѓе, следуваа масовни граѓански реакции и барања за политичка и институционална одговорност. Кај нас, премногу често трагедијата е голема само додека траат камерите. Потоа следува тишина која е опасна зашто е реакција на страв и немоќ.
Молкот не е неутралност. Молкот е просторот во кој неодговорноста расте.
Не можам да го заобиколам ниту Кочани. Таму повторно видовме колку трагична може да биде цената на институционалната негрижност. Шеесет и три животи не смеат да се престорат во уште една статистика. Цената ја платија семејствата. Одговорност мора да постои таму каде што ќе се докаже институционален или личен пропуст.
Кога системот не казнува пропусти, пропустот станува правило.
Убеден сум дека во нашиот правосуден систем има чесни, стручни, професионални и карактерни луѓе. Сепак, нивното постоење не е доволно. Ако системот им дозволува на нестручноста, политичкото влијание, интересите на сивата еминенција и неодговорноста да доминираат, чесните поединци стануваат само острови во морето недоверби. Не смееме да дојдеме до точка во која функцијата сама по себе создава недопирливост.
Правната држава не се мери по бројот на институции, туку по тоа дали најмоќната институција мора да даде одговор.
Европската Унија со години укажува на проблеми со владеењето на правото, борбата против корупцијата и функционирањето на правосудниот систем. Можеме бесконечно да се расправаме околу политичките услови за европска интеграција, но за мене едно е неспорно. Без независно, професионално и одговорно правосудство, нашето членство во која било меѓународна организација нема да ја реши суштинската слабост на државата. Нашиот базичен проблем е институционалната недоверба, а неа не може да ја поправи декларација. Неа може да ја поправи само систем што функционира. Решение мора да постои и секако дека патот ќе биде тежок. Ако сакаме Македонија да опстане како правна, просперитетна и достоинствена држава, целиот правосуден систем мора суштински да се реформира. Не со политичка чистка, ниту со замена на „нивните“ со „нашите“, туку со правила со мерливи критериуми што ќе важат за сите, а тие се професионална одговорност, транспарентност и реална можност институцијата, која бара одговорност од другите, самата да биде повикана на одговорност.
Без вистински правосуден систем нема долгорочен економски развој, нема сигурност за инвеститорите, нема доверба во институциите и нема иднина за младите. Без него, државата постепено влегува во институционална анархија.
Кога институцијата што треба да бара одговорност самата станува недопирлива, правдата престанува да биде право. Станува привилегија на недопирливите.
Држава во која правдата е привилегија, не може долго да остане правна држава. Молкот мора да го замениме со борба за институции што ќе им служат на граѓаните, зашто правдата ретко доаѓа сама. За неа мора да се бориме.
Јас продолжувам и нема да молчам само затоа што молкот е полесен. Опасен е!





