Таткото на големата лага
Македонија цели 35 години страда во ерата на лагите, заблудите и катастрофалните порази што прераснаа во победи, кои помпезно се слават како голем јубилеј под геслото силно светнал ден во темнината
Една старогрчка поговорка гласи: продон псудос, преведено „таткото на големата лага“. Толкувањето означува кога ќе кажете јавно голема лага морате за тоа постојано да лажете. Тоа раѓа илјадници нови лаги кои дури и кога ќе се откријат во многу глави остануваат како вистини. Особено кога „таткото“ е политиката и кога политичарите и јавни личности тоа го соопштуваат сугестивно и примамливо како спектакуларно решение за тешкотиите со кои се соочуваат граѓаните.
Големата лага е идеално решение за исправање со илузии на вековните неправди на страдалниот народ. Лагата во Македонија разјаснува што е вистински патриотизам со секојдневно откривање предавници и непријатели на татковината. Многу логично, ако нема предавници и омраза не може да има и патриоти. Затоа мора постојано да се измислуваат внатрешни и надворешни непријатели. На пример, најтазе „таткото“ на неговиот народ со новоговорот докажа дека платите и пензиите растат со брзина повеќе од 300 на саат. Секој ден додека стасаш на работа платата ти пораснала. Пензиите секое утро се поголеми ако се разбудиш. Шибицарската политика со домашен есап успева на пазарот да ја наполни празната торба како магионичарот што вади зајаци од шешир. Следува громогласен аплауз на заблудените дека живеат многу подобро само што тоа уште не го дознале.
Во ерата на интернет и социјалните мрежи кога лагите стасуваат побрзо од звукот, тоа е златен рудник за манипулации. Сите неуспеси стануваат големи достигнувања, сите порази се победи, а успесите се предавства на националните и државни интереси. Македонија цели 35 години страда во ерата на лагите, заблудите и катастрофалните порази што прераснаа во победи кои помпезно се слават како голем јубилеј под геслото – силно светнал ден во темнината.
И гледај чудо невидено, продон псеудос го осветлува мракот. Ќе играме и ќе пееме низ недојдија славејќи ја независноста на хронично зависните. Пред повеќе од 20 години се мачев со непотребни анализи – бидејќи сè можеше да се види со голо око – да најдам одговор на прашањето дали ја оправдавме независноста. Аргументацијата низ егзактни показатели на вистинската статистика каква што ни е живеачката покажа дека Македонија не ја оправда самостојноста на државата. Но, надежите уште беа големи дека тоа е можно.
Пред 15 години веќе стана излишно воопшто да се поставува таква дилема. Колку повеќе аргументи дека очекувањата и надежите за просперитена и европска Македонија се изневерени толку полошо по аргументите. Но, обично како што бива со надежите, кои нели последни умираат, пред дестина години по компромисите со Грција и со Бугарија повторно оживеаја дека сепак има изгледи Македонија со членство во НАТО и со почеток на преговорите со ЕУ да го почне процесот на европеизација.
Велам европеизција, оти голема е разликата меѓу членството и европеизацијата на една држава, особено балканска. Ова второто, како и во повеќето земји кои станаа членки на ЕУ, може да потрае подолго од сто години. Денес со мирна совест може да се каже дека надежта за посветла идина со изгубената 35-годишна сегашност е погребана зедно со неколку генерации граѓани.
Што ќе прославуваме
Компромисите од кои можевме да бидеме подеднакво среќни, или несреќни со нашите соседи, сеедно, како што советуваше германската канцеларка Ангела Меркел станаа велепрадавства на државните и национални интереси. Затоа на власта ѝ треба силно светнат ден. Ќе играме, ќе пееме, ќе се веселиме во темница. Ќе поделиме медали и ордени за заслуги.
Што ќе прославуваме?!Тоа е многу глупаво прашање. Ќе славиме три и пол децении независност. Добро, во ред, треба да се одбележи. Но, што друго. Ништо друго, нема друго. Малку ли е тоа, добивме независност без да испукаме ниеден куршум, без ниедна жртва за сите да станеме жртви на една безумна политика на гордост, достоинство и на апашлук. А можевме при распадот на Југославија да си имаме и ние една историска убава војна како и сите други, републики, денес држави, со народни херои и првоборци со споменици пред кои ќе држевме говори и ќе положуваме цвеќиња и венци на секој осми септември.
Домашните „предавници“ на чело со претседателот Киро Глигоров потпишаа капитулација да нема војна. Ни подметнаа и „кукавичко“ јајце на референдумот за независна Македонија, оставајќи простор за иден сојуз со Југославија, држава која не постои. Ете, тоа го направија „предавниците“. Наместо да гинеме јуначки и да се разори и уништи сѐ што имаме, тие избраа мир наместо војна, како што доликува на вистински патриоти кои се подготвуваа со молотови коктели да ги уништат тенковите на ЈНА кои се повлекуваа од Македонија.
Една од претпоставките за мотивот на атентатот врз претседателот Глигоров е и мирот и што ја одбегна војната и ја прифати независноста. За критика остана и ден денес прашањето на референдумот. Кога ѝ треба на политиката тоа прашање станува позначајно од независноста на државата.
Кој што наследи
Има многу работи што можеме да ги славиме. За сликата да биде појасна прво треба да се види што наследија и што изградија победниците по Втората светска војна во периодот од 1945 до 1991 година и што наследија и што изградија хероите под јорган планина од 1991 до 2026 година.
Од земја на беда и сиромаштија, на глад и неписменост, земја на туберкулоза и маларија, земја на беспаќа, земја на рало што го влечат волови на ниви колку да се преживее, земја на керпич и ќенефи, кал до колена, земја на страв, омраза, атентати и пропаганди од 1945 до 1991 година Македонија од Федерална, од Народна и од Социјалистичка Република прерасна во пристојна независна држава со сите атрибути на државност, со свои граници, влада, Собрание, фабрики, земојделски комбинати, банки, рудници, железара, рафинерија, патишта, градежни гиганти, училишта, факултети, универзитети, болници, Академија на науките и уметностите, своја азбука и граматика, свој литературен кодифициран јазик, милиони книги… Додајте го испуштеното. Има многу да се додаде за тоа каде бевме и до каде стасавме.
Независноста без војна со мудра политика добиена на тацна по силниот вознес само по неколку години прерасна во општ озаконет грабеж. Сѐ што беше лошо од социјализмот задржавме. А сѐ што беше добро отфрливме.
Распродажбата на македонските златни кокошки почна брзо и успешно заврши. Како на акшам пазар се распродаваа гиганти. Банкротствата на големите компании кои останаа без големиот југословенски пазар станаа секојдневие. Техничката интелегенција создавана со децении исчезна. Првобитната акумулација на капиталот стана брутална, пожестока и понеправедна од светската. Нешто како на дивиот запад во Америка со ставање колци и прогласување „ова е мое“. Па, така ни се случи државни компании од Грција, од Германија, од Австрија, од Словенија… да ги купат бадијала, повеќето под сомнителни околности, нашите најпрофитабилни банки, рафинеријата, телекомот, дистрибуцијата на електричната енергија… сè што вреди се продаде. Ние ништо не купивме во ниту една земја.
Затоа сега можеме да го славиме во силно светал ден владеењето на правото кое дава неверојатни резултати под диктат на политиката. Еден од најсилните притисоци е врз судството. Правдата се мери по тоа кога таткото на лагата ќе соопшти јавно дали е задоволен или разочаран од неговите очекувања на пресудите. Тоа е нашето независно судство и реализацијата на реформата за владеење на правото. Задолжително ќе ја прославиме и успешната блокада на преговорите со ЕУ, спасувајќи го името на државата, јазикот, верата и сѐ што означува идентитетски посебности, иако од идентитетот досега ништо не сме изгубиле, ниту ќе изгубиме. Тоа не зависи од други, туку од нас.
Ќе ги прославиме високите дострели во образованието кое го направивме парампарче што секоја поголема населба или град има универзитет за производство и продажба на дипломи. Затоа децата ни студираат во Бугарија и во Словенија, низ Европа, Америка и по белиот свет, главно со определба да си останат таму, оти многу учени не ни требаат, освен во ветувањата на предизборните кампањи.
Можеме да ги славиме и достигнувањата во здравството. Таму резултатите се импозантни. Зарем не е голем успех со години да одвојуваш придонес за фондот за здравство, а да се лечиш во приватни клиники кај истите доктори и професори кои поради извонредната политика на разни шарлатани и потценувачки примања заминале исто како и нивните студенти во странство, или во приватните клиники каде можете брзо да добиете кредит и да си го платите лечењето со илјадници евра. Во државните клиники од поодамна и sидовите имаат инфекција, а сиромаштијата со години се стиска по ходниците како цигарите во кутија. Се sида новата клиника како Скадар на Бојана.
Така со децении се sидаат и браните Чебрен и Галиште. Голем успех што заслужува помпезна прослава се состојбите во земјоделството и во сточарството. Некогаш вносното земјоделство денес е на просјачки стап. Лозар од Кавадарци ми раскажува дека десет пати повеќе заработува како аргат на лозја во Италија отколку на своето лозје во Тиквешијата. Сточарството е бетер, млеко има крави нема, а овците умираат оти нема вакцини. Субвенциите од европски пари за поддшка на земјоделството лесно стасуваат кај неземјоделците заседанти во властите. Вардар стана пловен до Солун, а ќе се гради пловен канал до Дунав преку Морава. Ќе се поврземе со Црното и со Егејското море на куково лето.
Градиме и автостради и железници и канали за наводнување. Половина Македонија нема уште чиста вода за пиење, нема водоводи, ама има септички јами како замена на канализации. Можеме да ја славиме и слободата на медиумите и објективното новинарство кое високо се котира на светската ранг листа на демократијата заедно со диктатурите. А зошто да не ги прославиме и задолжувањата и кредитите под многу поволни услови. Предавниците и талогот од завист прашуваат што направивме со тие кредити. Можат да го слават и веќе го слават и Охридскиот договор тие што го прогласија за капитулација на Македонија. Можат да се слават уште многу работи што нема да ги чуеме во силно светнатиот ден.
Што не смее да се слави
Ајде да видиме што не смее да се слави, ниту да се одбележува. Членството во НАТО. Тоа никако. Нели тоа беше злосторничка организација. Сега тој успех е на сите. И на тие што беа против и тие што не веруваа. Не смее да се слави ни членството во ОН. Тоа беше исто така предавство на државните интереси од „ничија земја“ да станеме призната држава. Договорите со Грција и со Бугарија со почеток на преговорите со ЕУ не смеат ни да се спомнат како неопходен компромис за остварување на најголемите државни интереси, не дај боже нешто да се каже во позитивна конотација. Веднаш следат закани на партиските ботови и на големите експерти и аналитичари за глорификација на власта. Тие го спречија најголемото велепредавство. Цената била превисока. Колкава е пак цената на изгубените децении таткото на лагата уште не пресметал и не им кажал. И нема никогаш да каже, оти тоа не може ни да се пресмета со ниедна математика. Немерлива е.
Кој е виновникот за ваквата состојба во која е донесена Македонија во изолација и во неизвесност за својата иднина. Двете најголеми македонски политички партии се по 17 години на власт и исто така, помалку или повеќе, во моќна опозиција. Најголемата албанска партија е повеќе од 20 години во власта како коалиционен партнер и на едните и на другите. Во тие години на владеење треба да се бараат причините чија и колкава е вината што наместо реформи за членство во ЕУ и за европска просперитетна Македонија политичкиот натпревар се одвива во жестока пресметка кој повеќе крадел и лажел.
Со ужасните пропаганди и манипулации сè што не направи ВМРО-ДПМНЕ со партнерите за 17 години на власт и во опозиција е успех, гордост и достоинство. Сè што направи СДСМ со партнерите во своите 17 години на власт и во опозиција е пораз и предавство. Сè што направи ДУИ со партнерите е победа. Сè што направи Влен со партнерите е ништо.
Е, па, среќен празник за неоправданата независност. Кому ќе му светне денот, кому ќе му падне мрак зависи од видот и умот. Заслепен и при очи не може да види. Наглув ако не слушне и при уши нема да разбере. Наверојатно тоа е причината што никој друг не успеал од толку порази да прогласи победи.
nezavisen.mk






