Струмичките земјоделци бараат да се почитува договорената откупна цена на ајварката – денеска таа паднала на 20 денари

Земјоделците од Струмичкиот Регион денеска одржаа протест и ја блокираа подрачната единица на Министерството за земјоделство во Струмица, изразувајќи го своето незадоволство од драстичниот пад на откупните цени на црвената пиперка ајварка. Тие обвинуваат дека откупувачите не го почитуваат договорот постигнат на 12 овој месец, кога со посредство на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски беше договорено пиперката од прва класа да се откупува за 40 денари по килограм.
Но, наместо договорената цена, според земјоделците, откупот деновиве паднал прво на 25, а денеска дури на 20 денари за килограм.
Производителите истакнуваат дека со сегашните цени од 20 денари не можат ниту да ги покријат основните трошоци за гориво, семенски и репроматеријали кои во меѓувреме се поскапени.
Земјоделците велат дека, за разлика од минатата година, кога првата класа во гајба се откупувала за 55 денари, а таа за фабрика за 45 денари, сегашните цени се двојно пониски.
Според нивните изјави, договорената цена од 40 денари се почитувала само два дена.
„Првин падна на 25 денари наместо да се откупува за 40 денари за килограм, а денеска пиперката се откупува за 20 денари. Тоа е срамно, така не било. Сите цени се зголемени – нафтата, семенските материјали, репроматеријателите, а ние работиме бадијала. Само два дена се откупуваше по договорената цена“,
изјави Илија Витанов, земјоделец од село Добрејци.
На протестот присуствуваше и министерот Борче Серафимовски, заедно со градоначалниците од регионот и Државниот инспекторат за земјоделство. По двочасовен разговор со присутните, министерот истакна дека иако Државниот инспекторат досега не констатирал неправилности на терен, информациите од земјоделците за прекршување на договорот се сфаќаат сериозно.
Серафимовски најави дека веќе за утре ќе закаже состанок со откупувачите и преработувачите. Тој напомена дека државата не ги одредува цените бидејќи тоа е пазарен процес, но дека презема улога на медијатор со цел да се испочитува договорениот труд на земјоделците. Министерот додаде и дека по завршувањето на бербата ќе се бара трајно законско решение и системска класификација за овој проблем да не се повторува секоја година.
„Затоа стоиме пред сериозен предизвик за да го решиме ова и не само за оваа година, туку решение што ќе го бараме по завршувањето на бербата, да побараме начин како тоа да го регулираме со законски и подзаконски акти, како преку здруженијата, за да имаме континуитет на одржливост на цените и, нормално, критериумите и нивна класификација. Не е добро да се повторува овој проблем секоја година“,
рече Серафимовски.
Инаку, струмичките земјоделци и на 10 август излегоа на протест и со своите трактори и земјоделска механизација го блокираа подрачното одделение на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Еден ден подоцна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски по средбата со производителите, откупувачите и преработувачите во Струмица рече дека прва класа од пиперката ајварка од 12 август ќе се откупува по цена од 40 денари.
Серафимовски додаде и дека ајварката што е меѓу прва и втора класа и за индустриски капацитети ќе се откупува за 30 денари, и за тие што се шкарт ќе се плаќа по 15 денари.






