Милијарди евра помош од ЕУ исплатена на Германија и други земји
Германија и четири други земји од Европската унија добија неколку милијарди евра заеми и грантови од ЕУ, соопшти денеска Европската комисија.
Парите доаѓаат од фондот за обнова по Ковид-19 на блокот кој беше создаден во 2021 година за да се справи со економските последици од пандемијата.
Германија доби 13,5 милијарди евра (14,0 милијарди долари) по спроведувањето на реформите во климатската и енергетската политика, како и дигитализацијата, соопшти Комисијата.
Ова вклучува понатамошен развој на национална стратегија за водород и промоција на чиста мобилност, јави ДПА.
Германија досега имаше добиено 19,75 милијарди евра за да се искористат за дигитализација на јавната администрација и транспорт кој ќе биде поповолен за климата, како што е промоција на електрични возила.
Германија може да пристапи до вкупно 30,3 милијарди евра од фондот.
Чешка, Италија, Романија и Португалија исто така добија вкупно околу 50 милијарди евра исплати од фондот.
За да ја добијат помошта, земјите на ЕУ мора да поднесат план за дигитални и одржливи инвестициски и реформски проекти. Финансирањето се заснова на успешност и се исплаќа само откако ќе се постигнат поставените одредници за спроведување на реформите.
Средствата се финансираат преку долг, кој заеднички треба да се врати до 2058 година.