Рокот од шест месеци истече без резултат, ВРЕДИ бара трпение за уставните измени

Помина рокот од 6 месеци кој коалицијата ВРЕДИ го даде за уставните измени кои не се направени. Арбен Фетаи од ВРЕДИ побара уште малку простор, бидејќи како што рече лидерите на ВРЕДИ наскоро ќе одлучат што понатаму.

„Ние сме во првите 6 месеци од владата и сигналот што вчера го даде д-р Арбен Таравари беше јасен – ќе седнеме и ќе разговараме. Ве молиме за трпение до после Нова година, кога верувам дека претседателите ќе дефинираат што ќе правиме понатаму. Во Влада сме само 6 месеци, оставете ни простор да дејствуваме и да дефинираме стратешки дејствија со оглед на околностите во кои се наоѓаме“, рече Фетаи.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети ја повика ВРЕДИ да не стане аргат и слуга, туку да размислува и да се врати на патот на достоинството.

„Претставниците, лидерите на ВРЕДИ треба да се вратат на патот на достоинството и заедно да ја заштитат нашата гордост. Не сакаме судири, но не можеме да молчиме без да ја кажеме вистината. ВМРО има традиција да регрутира слуги и аргати“, рече Ахмети.

Фетаи во одговор на ова рече дека Ахмети зборува од лично искуство.

„Господинот Ахмети зборува од неговото лично искуство, како следбеник на Груевски и Мијалков, што се докажа со движењата што ги направија. Промената на кривичниот законик е направена за да се врати Груевски во земјава, патрон на господинот Ахмети, а ставањето на Артан Груби на американската црна листа заедно со судијата на Мијалков, Беџети, е направено поради Мијалков“, изјави Фетаи.

На крајот, Фетаи рече дека ВРЕДИ ја одржува координацијата во рамките на коалицијата на неделна основа и следната недела ќе се разговара за уставните измени и истекувањето на рокот од 6 месеци, без резултат.

Back to top button
Close