Бугарија чека влада, македонската влада – соговорник

Извесноста дека Бугарија наскоро може да има политичка влада, со интерес се следи во Македонија поради очекувањата дека македонската влада би имала соговорник со полн политички легитимитет за разговори околу интеграциската деблокада на земјата. По подолг период сега е на повидок таква можност.

Пратеничката група на „Демократија, права и слободи-ДПС“ предводена од Ахмет Доган, синоќа одлучи при гласањето во Народното собрание да го поддржи кабинетот на ГЕРБ-СДС, БСП-Обединета левица и Има таков народ, со што е отворен патот за формирање на нова бугарска влада.

„Демократија, права и слободи-ДПС ќе ја изрази својата поддршка и со потпишување Анекс како дел од Договорот за парламентарно мнозинство за исполнување на владината програма меѓу политичките партии ГЕРБ-СДС, БСП-Обединета левица и Има таков народ“, беше наведено во синоќешното партиско соопштение.

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска напладне (15.01) ќе му го додели мандатот за формирање влада на кандидатот за премиер, Росен Желјасков, кој е предложен од најголемата пратеничка група во 51-то Народно собрание -ГЕРБ-СДС.

 

 

Партнер со полн политички легитимитет

Со тоа се очекува да заврши долгата политичка неизвесност во Бугарија, во која од 2021 година до лани се одржаа седум парламентарни избори, од кои два изборни циклуси (во јуни и октомври) се спроведоа минатата година. Со мали краткотрајни исклучоци, ниедна политичка сила не успеа значително време да ја задржи власта во Бугарија, и земјата подолго време беше предводена од технички влади.

„Најавите се дека таму наскоро ќе има политичка влада и тоа е нешто што ние подолг период го очекуваме”, изјави синоќа министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

„Логиката на нештата е – дека е најдобро решение да се постигне со политичка влада која што ќе има целосен легитимитет да го спроведе она што ќе го договориме. Зошто? Затоа што факт е дека претходниот предлог беше прифатен од Влада што немаше политички легитимитет да го прифати тој предлог. Затоа што тој предлог во себе инкорпорираше двотретинско мнозинство – за потребата од уставни измени. Таа влада можеби имаше политички легитимитет да носи одреден тип на одлуки, но да носи априори одлуки со двотретинско мнозинство – немаше легитимитет. Затоа, гледајќи низ призмата на лошата пракса што ја имало со наши претходици, сметаме дека е многу позрело, многу пологично да разговараме со партнер од другата страна кој има потполн политички легитимитет“, образложи Муцунски во интервју на ТВ Телма.

 

Познати лица

Меѓу партнерите кои би ја формирале идната бугарска влада сите се веќе познати субјекти. „Има таков народ“ на Слави Трифонов беше во владата на Кирил Петков (2021 година) како дел од т.н. анти-ГЕРБ коалиција. За потсетување, во 2022 година ИТН ја напушти таа влада, како што објави Трифонов, поради обидите на премиерот Кирил Петков да постигне компромис со Северна Македонија и поради тоа што државата (Бугарија) нема пари. ИТН заедно со ГЕРБ и тогашната ДПС на Делјан Пеевски, и изгласаа недоверба на владата на Петков.

Новото кај БСП е што Националниот совет на партијата минатото лето расчисти со кадрите на претходната партиска лидерка Корнелија Нинова, која поднесе оставка поради лошите резултати од јунските избори. Но, од партиите што ја сочинуваат коалицијата БСП-Обединета левица – две не се согласија за коалицирање со ГЕРБ: Маја Манолова – лидерка на „Исправи се, БГ!“ – која тоа го нарече „бакнеж со смртта“, а Велизар Енчев од Движењето „Бугарска пролет“ – „зделка со ѓаволот“.

Позициите на ГЕРБ-СДС кон Македонија се истите кои со консензус беа носени во Народното собрание, а очекувањата од конструктивни разговори за спорните прашања се црпат од фактот дека ГЕРБ и ВМРО-ДПМНЕ се сестрински партии во ЕНП.

 

Фокус кон тоа што може да нѐ обедини

Според Муцунски, не треба да се потценат неколку работи – дека двете земји се партнери во НАТО и дека Македонија има направено многу за европската безбедност и стабилност: целосно е усогласена за заедничката безбедносна и надворешна политика на ЕУ и прва има потпишано договор за стратешко и безбедносно партнерство со ЕУ.

„Нема сила што може да ме убеди дека Софија не може да биде убедена. Треба ЕУ и земјите членки заеднички со нас – сите да го искористиме кредибилитетот што го имаме – и да разговараме со Софија. Софија со нашиот пример прави историска грешка и јас сум убеден и дека најголемиот дел од чинителите во Бугарија се свесни за тоа, иако заради некои опортунистички политички причини не си го признаваат тоа”, изјави Муцунски.

Според него, источниот сосед прави грешка и кон себе од економска и трговска гледна точка, бидејќи нема нешто што економски повеќе ѝ одговора на Бугарија од тоа Македонија да се движи напред кон ЕУ.

„Создаваат сериозна омраза помеѓу млади генерации во државата заради оваа неправда што ѝ ја нанесуваат на нашата држава. Непотребно растат млади генерации со омраза. Ние можеме да бидеме најголеми пријатели, ние можеме да бидеме најголеми сојузници, но треба да разбереме дека има многу повеќе што може да нѐ обедини, отколку што може да нѐ раздели“, оцени тој.

Притоа посочи кон што водат темите кои не се европски.

„Разговорите и наметнувањето како европски стандард теми кои што не се европски, теми коишто тие ги очекуваат со нас – ние да ја негираме нашата историја, ние да негираме наш јазик, ние да негираме наш идентитет, и постојаното навраќање на тоа – само создава генерции кои што нема да можат да се разберат. И не треба тоа да го направиме. Таму треба зголемен степен на политичка зрелост и политички разум за да гледаме што е она што можеме заеднички да го направиме. Ќе повторам и не е за поценување – ние сме две земји партнери во НАТО“, потенцираше Муцунски.

 

Во иднина – со поглед кон минатото

И европратеникот од ГЕРБ, Андреј Ковачев, исто така, смета дека омразата треба да запре, но излезот од тоа го гледа низ расчистување на минатото. Во разговор за Радио Фокус изјави дека многу пати во Европскиот парламент организирале настани за да информираат за дискриминацијата и говорот на омараза кој произлегувал од тоа што се фалисфикувало и премолчувало минатото и историски факти, а што денес водело кон дискриминација на живи луѓе.

„Лично јас сум објавил и финансирал многу материјали и книги, со преводи на англиски, германски и француски јазик, за да можат моите колеги да разберат каков е изворот на тие проблеми. Кога ја манипулираш и премолчуваш историјата, ти водиш до дискриминација денес, насадуваш омраза во срцата и душите на младите поколенија ако таа манипиулација заврши во учебниците и образовните институции на Република Северна Македонија“, изјави тој.

Најави дека со неговите колеги ќе продолжи со истите напори во истата насока, но оти треба да се вклучат и други.

„Тоа треба да биде и со заеднички напори на бугарската дипломатија и на бугарската влада, и за тоа треба соодветно да се одвојат и средства“, порача Ковачев.(dw)

Back to top button
Close