„Еурактив“: Европската десница се надева дека бранот на политиката на Трамп ќе стигне и до бреговите на Европа
Конзервативните и екстремно десничарски лидери од ЕУ кои учествуваат на Конференцијата за конзервативна политичка акција во Вашингтон имаат само една цел на памет: како во Европа да го пренесат влијанието на политиката „Да ја направиме Америка повторно голема“ на новиот американски претседател Доналд Трамп, оценува бриселскиот портал „Еурактив“.
– Европските екстремни десничари отидоа на годишниот состанок на американските конзервативци во Вашингтон, како фанови на концерт, за да ги видат, а можеби да направат селфи со Доналд Трамп, потпретседателот Џеј-Ди Венс и нивните сојузници, се наведува во текстот.
Сепак, според „Еурактив“, овогодишното издание на Конференцијата за конзервативна политичка акција, што се одржува од средата до утре во Вашингтон, е повеќе од обичен собир на десничарите од целиот свет.
– За европските десничари таа е сигнал дека се на победничката страна на историјата и надеж дека бранот на „Да ја направиме Америка повторно голема“ ќе стигне и до европските брегови, се оценува во текстот.
Меѓу учесниците на Конференцијата во Вашингтон од ЕУ се и италијанската премиерка Роберта Мецола, нејзиниот словачки колега Роберт Фицо, претседателот на Партијата на европските конзервативци и реформисти (ЕЦР), Матеуш Моравијецки, лидерот на францускиот Национален собир (РН), Жордан Бардела и европратеничката на француската партија Повторно освојување (РЕЦ), Сара Кнафо.
Според директорот за анализи во тинк-тенкот Европски совет за надворешни односи и поранешен советник за Европа и Евроазија во американскиот Стејт департмент, Џереми Шапиро, присуството на една ваквиот собир им овозможува на учесниците да се чувствуваат помоќно.
– Близината до моќта и перцепцијата на близина до моќта претставува моќ, изјави Шапиро за „Еурактив“.
Во врска со учеството на нејзини членови на собирот во Вашингтон, се огласи европската суверенистичка, национал-конзервативна и десно популистичка партија Патриоти за Европа (ПФЕ), која оцени дека овој собир претставува можност за одржување на „стратешки разговори“ со колеги од САД за зајакнување на „односите меѓу европските и американските патриотски движења“.
– Учеството на настанот означува значаен чекор во градењето посилни трансатлантски патриотски врски за одбрана на националниот суверенитет и за враќање на моќта на народот, се додава во соопштението на ПФЕ.
Инаку, меѓу членките на ПФЕ се и францускиот РН, чиј неформален лидер е Марин Ле Пен, Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Лига на италијанскиот вицепремиер Матео Салвини, Акцијата на незадоволни граѓани (АНО) на поранешниот чешки премиер Андреј Бабиш, Партијата за слободата на Австрија (ФПО), холандската Партија на слободата (ПВВ) и шпанската Вокс.
Како што јави Франс 24 на маргините на Конференцијата во Вашингтон, како придружни настани на собирот, се одржуваат повеќе тематски тркалезните маси, како „Нема каде да бегате: Отстранувањето на левичарската технологија“, „Важен е животот на БлекРок: Разбивање на контролните соби за протести“ или „Воини на културата: Прифатете го примирјето и туркајте го“.