Макрон: Можен е прекин на огнот во Украина во наредните недели

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави синоќа дека прекин на огнот меѓу Украина и Русија може да биде договорен во наредните недели.

Во интервју за Фокс њуз по средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, Макрон рече дека разговарал со европските лидери и дека многу од нив се подготвени да дадат безбедносни гаранции. Францускиот претседател изјави и дека САД не можат истовремено да водат трговска војна со Кина и Европа.

Пред интервјуто за Fox News, Макрон одржа заедничка прес-конференција со Трамп во Белата куќа. Трамп првично го нарече Макрон негов пријател и рече дека е среќен што ќе го пречека назад во Белата куќа.„Целта на нашата денешна средба е да ставиме крај на уште една битка, навистина ужасна, нешто што не сме го виделе од Втората светска војна“, рече Трамп и потоа се сврте кон финансирање на војната во Украина, тврдејќи дека „трошокот и товарот“ не треба да паѓаат само на САД.

„Мило ми е што Макрон се согласува дека цената и товарот за обезбедување мир мора да ги сносат европските нации, а не само САД, и дека Европа мора да преземе централна улога во обезбедувањето на долгорочната безбедност на Украина, што тие сакаат да го направат“, рече тој.

Американскиот претседател го повтори тврдењето дека Америка и помогнала на Украина многу повеќе од која било друга земја. Тој, исто така, повтори дека војната во Украина никогаш не требало да започне и рече дека ќе ја спречи Третата светска војна.

„Имаме нов пат кој промовира мир низ целиот свет“, рече Трамп. „Моето најголемо наследство е да бидам миротворец“, рече тој.

Макрон потоа зеде збор. Тој првично рече дека тој и Трамп „направиле значителни чекори напред“ за време на разговорите. „Има многу предизвици во светот, во последните денови нашиот фокус беше на геополитичките прашања“, рече Макрон и му се заблагодари на Трамп што го прими.

Тој ја пофали храбрата борба на Украинците во војната со Русија и рече дека Франција и САД имаат заедничка цел да градат мир. Макрон рече дека сака да ги обедини сојузниците и да постигне мир во Украина и дека мирот треба да го обезбеди суверенитетот на Украина.

„Овој мир не смее да значи капитулација на Украина или прекин на огнот без гаранции, тој мора да и овозможи на украинскиот суверенитет и да и дозволи на Украина да преговара со другите засегнати страни за прашања што ја засегаат. Мораме заедно да ги преземеме нашите одговорности за да ја обезбедиме безбедноста и стабилноста на Украина и на целиот регион“, рече тој, додавајќи дека за Европејците ова е егзистенцијално прашање.

„Го знаете пријателството што ви го покажав. Европа е подготвена да направи уште повеќе“, му рекол Макрон на Трамп

Back to top button
Close