Шпански град “посвои” двајца мигранти кои интервенирале при хомофобичен напад

Шпански град им оддаде почит на двајца мигранти од Сенегал за храброста при обидот да спасат геј маж претепан до смрт од хомофобична толпа, пренесе Би-би-си.

Ибрахима Диак и Магат Н’Диаје во понеделникот во А Коруња добија статус на „посвоени синови на градот“ на свечена церемонија со која се оддаде признание за нивните постапки.

Двајцата биле единствените кои интервенирале во јули 2021 година, кога Самуел Луиз бил нападнат од група мажи и удиран со клоци и тупаници пред ноќен клуб. 24-годишникот подоцна во билница починал од повредите што предизвика национален бес и осуда.

Во понеделникот, на свечената церемонија во салата на градскиот совет, градоначалничката Инес Реј ги опиша постапките на Диак и Н’Диаје како „чист алтруизам“.

На снимката од таа ноќ се гледаат други случајни минувачи како гледаат, некои снимаат на мобилни телефони, а двајцата се единствените кои интервенирале.

„Тоа што двајца мигранти без документи беа единствените кои се изложија на ризик за да и помогнат на жртвата на глутница жедна за крв остава многу простор за размислување и серија лекции“, рече градоначалникот Реј.

„Ви благодариме за вашата храброст да ризикувате сè и покрај тоа што имате многу да изгубите“, напиша друга советничка, Розалија Лопез, на Инстаграм

Диак и Н’Диаје тогаш живееле во градот без документи и работеле нередовно, под ризик од апсење и депортација доколку стапат во контакт со властите.

Двајцата изјавија дека го направиле она што мислеле дека е правилно во обидот да се запре насилството. Пред пријателите, државните службеници и другите гости во понеделникот, градоначалникот им врачи плакети со што им додели статус на „Посвоени синови на А Коруња“.

„Ние не сме херои, го направивме она што требаше да го направиме“, рече г-дин Н’Диаје, според извештајот на АФП.

Г-дин Диак рече: „Роден сум во семејство кое нема многу… но ми дадоа многу работи повредни од парите. Ме научија на почит, ми дадоа образование и пред сè вредности“.

Двајцата беа и клучните сведоци на судењето на убијците на Луиз во ноември минатата година, објавија шпанските медиуми.

Поротата прогласи четворица мажи за виновни за убиството, а судот нареди казни од 10 до 24 години. Судот утврди дека главниот обвинет – осуден на 24 години затвор – извикувал хомофобични навреди за време на нападот.

Десетици илјади мигранти илегално стигнуваат до Шпанија секоја година преку бродски премини преку Атлантикот – со најчести пристигнувања од Мали, Сенегал и Мароко

Back to top button
Close